Skip to main content

Напладне во Музејот на Македонија се отвора изложбата „Боите на слободата“

Во Музејот на Македонија денеска напладне ќе биде отворена изложбата „Боите на слободата“, поставка посветена на 35-годишнината од независноста на државата, која преку историски предмети, документи и уметнички дела го прикажува развојот на македонската државност и културен идентитет.

Изложбата ќе биде поставена во историскиот дел на музејот, а ќе ја отвори директорот на Музејот Александар Ристевски, заедно со дел од кураторскиот тим.

Пред публиката ќе бидат претставени експонати од музејската колекција, како и дела од истакнати македонски уметници, меѓу кои Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Борко Лазески, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Родољуб Анастасов, Бранко Коневски и други.

Според кураторскиот концепт, изложбата воспоставува визуелен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината, следејќи го континуитетот на стремежите за слобода и државност, од Охридската книжевна школа и македонската преродба, преку Илинденското востание, АСНОМ и сѐ до референдумот од 8 септември 1991 година.

„Боите на слободата“ ги поврзува трите симболични Илиндени – Илинден 1903, АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991 година, како историски точки што ја обликувале македонската државност и национален идентитет.

Во подготовката на изложбата учествуваа кустосите Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска, Здравко Стојкоски и други стручни соработници од Музејот.

Поставката ќе биде отворена во наредните два месеца, во период кога Музејот на Македонија одбележува 50 години од изградбата на својот објект.

Поврзани вести