
На 11 ноември во 18 часот во Францускиот институт во Скопје ќе се отвори изложбата „Тела во трансформација и експериментални мапирања – Булевари“ на македонскиот уметник Доротеј Нешовски, во организација.
Доротеј Нешовски неодамна престојуваше на уметничка резиденција во Cité internationale des arts во Париз. Во својата уметничка практика ги истражува врските меѓу уметноста, јавниот простор и публиката, со особен интерес за мапирањето и партиципативните практики.
Отворањето на изложбата ќе биде проследено со уметничка средба во интерактивен формат, во која публиката ќе има активна улога во истражувањето на уметничките дела и просторот на Институтот. Заедно со уметникот, посетителите ќе ги откриваат делата, ќе одговараат на прашања и ќе имаат можност да создадат сопствени мапи, поврзувајќи ги уметноста, просторот и секојдневното искуство.
Кураторка на изложбата е Изабела Левенска Миљаниќ, основачка на иницијативата Museum of Public Art, посветена на мапирањето на јавниот простор и скулптурното наследство во градот. Таа ќе го води и разговорот со уметникот во рамките на средбата.
Изложбата „Тела во трансформација и експериментални мапирања – Булевари“ ја истражува деликатната граница помеѓу физичкото и нематеријалното, присуството и исчезнувањето, субјектот и просторот. Преку цртежи, колажи, просторни интервенции и експериментални процеси на мапирање, телото е претставено како динамичен терен на перцептивни и трансформативни процеси.
Во средиштето на истражувањето е булеварот како простор на секојдневниот живот. Наместо да биде сфатен единствено како урбана инфраструктура, тој е претставен како жив систем составен од движења, средби, конфликти, сеќавања и минливи траги, во кој постојано се преплетуваат личното искуство и колективната историја.
Мапирањето не се ограничува на евидентирање на физичките елементи на просторот, туку ги открива и неговите невидливи траги: местата на задржување, вообичаените патеки, звучните пејзажи, сенките и ритмите на движењето. На тој начин, мапата станува истовремено метод на истражување, уметничка практика и начин на критичко преиспитување на тоа како го доживуваме и создаваме јавниот простор.
Бројот на места за уметничката средба е ограничен. Заинтересираните посетители можат да го резервираат своето место преку формуларот за пријавување.

Македонски




