Skip to main content

Илјадници жени во Франција пријавија нарушувања на менструалниот циклус по изложување на солзавец

Француски активисти и опозициски пратеници бараат прекин на употребата на солзавец, изразувајќи загриженост дека тој предизвикува нарушувања на менструалниот циклус и други проблеми со репродуктивното здравје.

Како што пренесува АП, по неодамнешните студентски протести и демонстрации поради трошоците за живот, голем број жени пријавиле болни грчеви, неочекувано крварење и неправилности во менструалниот циклус откако биле изложени на солзавец.

Организацијата „Крвави солзи“ (*Bloody Tears*), формирана за време на протестите, собрала над 10.000 сведоштва, додека опозициските пратеници бараат независна истрага за можните здравствени последици.

Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, ги отфрли овие барања, наведувајќи дека употребата на солзавец е неопходна за контрола на толпата и претставува алтернатива на употребата на поопасно оружје.

Средствата со солзавец што ги користи француската полиција содржат ЦС (CS) – хемиска супстанца која предизвикува иритација на очите, кожата и респираторниот тракт. Нејзиното дејство зависи од употребената количина и времетраењето на изложеноста.
Крварење пријавиле дури и жени кои веќе влегле во менопауза.

Ева-Луна Толанс, поранешна новинарка и основач на организацијата „Крвави солзи“, изјави дека многу жени пријавуваат менструални болки кои се значително поинтензивни од вообичаеното.

„Пријавените крварења варираат од благо навлажнување до исклучително обилно крварење што трае неколку дена. Некои поединци крварат со недели“, вели Толанс. Крварење пријавиле жени кои се во менопауза, како и оние што користат хормонска контрацепција, која вообичаено го спречува менструалното крварење.

Сепак, собраните сведоштва не се разгледани од независни медицински експерти, ниту пак е утврдена зачестеноста на овие симптоми кај лицата изложени на солзавец.

Една неодамнешна студија за ефектите од изложеноста на солзавец за време на протестите во САД во 2020 година, укажа на можна поврзаност помеѓу изложеноста на оваа супстанца и проблемите со репродуктивното здравје, иако не беше утврдена причинско-последична врска. Главниот автор на студијата, Аша Хасан од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Минесота, истакна дека раните истражувања за солзавецот главно опфаќале здрави млади мажи во воени услови – факт што би можел да објасни зошто последиците по репродуктивното здравје на жените не се документирани.

Француското Министерство за внатрешни работи наведува дека не постои објавена научна студија која укажува на тоа дека гасот ЦС предизвикува нарушувања на менструалниот циклус или спонтани абортуси.

Од Министерството тврдат дека ефектите од изложеноста на солзавец, генерално, исчезнуваат во рок од неколку часа, иако не ја исклучуваат можноста за подолготрајни симптоми кои влијаат на кожата и очите.

Поврзани вести