
Во рамки на денешните активности остварив проштална средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, на која му се заблагодарив за неговата посветеност, професионалност и за искреното партнерство во изминатиот период – објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на својот профил на „Фејсбук“.
Тошковски додава дека соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и ОБСЕ не останала само на декларативна поддршка, туку резултирала со конкретни проекти кои денес значат подобри услови за работа, посовремена обука и поголеми капацитети на македонската полиција.
Со поддршка на ОБСЕ го изградивме и опремивме Мултимедијалниот центар за обука во Полициската академија, а обезбедивме и специјализирани простории за разговор со деца и жртви во Битола, Струмица и Тетово, со што направивме значаен исчекор во заштитата на најранливите категории граѓани. Заеднички работевме и на зајакнување на капацитетите за борба против нелегалната трговија и злоупотребата на оружје, преку воспоставувањето на Регионалниот К9 центар за обука и сертификација, специјализирани обуки, регионална полициска соработка и превентивни кампањи, меѓу кои и „Животот нема рестарт“ – пишува министерот Тошковски.
Според него, ова се резултати што остануваат и по завршувањето на еден дипломатски мандат. Тие, вели, се вистинската вредност на партнерството, посилни институции, поподготвени полициски службеници и поголема безбедност за граѓаните.
На амбасадорот Вал му посакав многу успех во неговите идни професионални ангажмани, со уверување дека одличната соработка со ОБСЕ ќе продолжи и во периодот што следува. Благодарност за пријателството, поддршката и заедничката работа во интерес на побезбедна Македонија – напиша Тошковски.

Македонски



