
На 10 ноември (вторник) 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Галерија МКЦ при Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде отворена самостојната изложба на слики „Сина материјата“ од ликовниот уметник Стефан Младеновски.
Со оваа изложба, Младеновски пред публиката за првпат ќе претстави нов циклус дела, обединувајќи ги во една целина своите актуелни ликовни истражувања и творечки интереси. „СИНА МАТЕРИЈА“ претставува ново поглавје во неговото уметничко делување и можност за непосредна средба со делата што го сочинуваат неговиот најнов изложбен проект.
Изложбата е покана за откривање на еден нов визуелен свет, во кој секое дело отвора простор за лично доживување, толкување и дијалог со гледачот.
Во официјалната рецензија за изложбата, книжевникот Александар Дунѓерин го анализира ликовниот пристап на Младеновски, посочувајќи ја неговата истражувачка природа, односот меѓу сликарската слобода и композициската дисциплина, како и значењето на сината боја во современиот визуелен и општествен контекст.
Во својата рецензија, Дунѓерин истакнува:
Поради тоа делата на Младеновски не нудат еднојазична наративна интерпретација, туку на набљудувачот му оставаат простор за индивидуално читање. Оваа серија може да се набљудува како истражување на можностите на современото апстрактно сликарство, во кое сликарскиот потег не се откажува од композициската дисциплина, а геометријата не постанува ограничување на сликарската слобода. Истовремено, тоа испитува и што денес преостанало од долгата и богата историја на сината боја во нашите општествени кодекси и во нашиот сензибилитет. Апстракцијата на „Сина материја“ произлегува од самиот процес на градењето на сликата, од односот на боите, потезите, структурата и просторот, и покажува дека апстрактното сликарство, токму како и сината боја – ако не е заробено во повторувањето на сопствените историски обрасци – и понатаму поседува потенцијал за критичко и формално истражување“.
Поставката ќе биде отворена за посетителите до 17 ноември 2026 година.
Стефан Младеновски (Крива Паланка, 1996) е ликовен уметник, дипломиран графичар и магистер по графика.

Средното образование го завршил во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје, на одделот за графика. Во 2020 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на одделот за графика, со насока конзервација и реставрација, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски. Во 2022 година магистрирал на истиот факултет, под менторство на проф. м-р Мирко Вујисиќ, во областа на графиката.
Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) од 2020 година.
Во досегашното творештво има реализирано шеснаесет самостојни изложби и учествувано на повеќе од седумдесет групни изложби во земјата и во странство. За своето ликовно творештво е добитник на шест награди.
Со изложбата „СИНА МАТЕРИЈА“, Стефан Младеновски продолжува да го развива својот уметнички израз, отворајќи нов простор за средба меѓу авторот, делото и публиката.

Македонски




