
Дигитално реставрираниот филм „Солунските атентатори“ во режија на Жика Митровиќ премиерно ќе биде прикажан на отворањето на фестивалот на филм, музика и уметност „Нем филм 2026“ што ќе се одржи од 10 до 15 септември во Кинотеката на РС Македонија.
Филмот СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТОРИ е најновото издание на Кинотеката во рамките на нејзината програма за дигитална реставрација на македонски филмови што е една од заложбите на Кинотеката за зачувување на македонското филмско наследство.
СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТОРИ се вбројува меѓу најуспешните историско-акциони филмови од југословенската кинематографија. На фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула во 1961 година филмот ја доби традиционалната награда на публиката „Јелен“, а сценографот Диме Шумка е одликуван со Специјална поединечна диплома за сценографија. Исто така, режисерот Жика Митровиќ добил и признание од жирито за успешно негување на акциониот жанр во домашниот филм, со што филмот ја потврдил својата значајна уметничка и продукциска вредност. За дигиталната реставрација на филмот СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТОРИ ќе зборува Владимир Павловски, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а специјален гостин ќе биде филмскиот критичар Дејан Дабиќ, уметнички директор на Мартовскиот фестивал.
Фестивалот, кој оваа година се одржува по шести пат, носи и посебна целина посветена на немиот и класичниот филм, со која повторно се нагласува потребата од курирано присуство на филмското наследство во современиот културен простор. Оваа фестивалска програма е дел од богатата септемвриска филмска понуда на Кинотеката, која оваа година го слави својот голем јубилеј. На програмата се ретки проекции на антологиски дела од филмското наследство. Во таа насока, во рамки на фестивалот исто така ќе бидат прикажани и дигитално реставрираните анимирани македонски кратки филмови – ЕМБРИО БР. М, АДАМ 5 ДО 12, ГРАНИЦА, БУКВАР ЗА ПИСМЕНИ, РАКА, ОТПОР, HOMO DOGMATICUS и ЦРНО ЗНАМЕ.
Со проекциите на филмовите ЕДНА НЕДЕЛА и ЧЕТИРИСТОТИНИ ТРИКОВИ НА ЃАВОЛОТ публиката ќе има можност да погледне филмски дела од најзначајните епохи во развојот на кинематографијата – ерата на немиот филм. Во периодот пред звукот да стане составен дел од филмската слика, режисерите, актерите и филмските уметници создадоа нов начин на раскажување преку визуелната експресија, монтажа, композиција на кадарот и актерската игра. Овие два филма на големите режисерски имиња Бастер Китон и Жорж Мелиес ќе добијат еден поинаков музички израз – филмските слики ќе бидат надополнети со музичка придружба на ансамблот „Консонанс“, составен од врвни музичари кои се дел од Национална установа Македонска филхармонија.
Во таа насока, фестивалот ќе понуди и уникатна филмска проекција на кратките филмови на Алис Ги, која се вбројува меѓу жените пионерки на светската кинематографија, а музички ќе бидат придружувани од страна на музичарот Андреј Татарчевски. Оваа програма ја реализираме со поддршка на Францускиот културен центар од Скопје.
Овогодишното издание вклучува и дел од филмскиот избор од ретроспективната програма на Берлинскиот филмски фестивал (Berlinale 2026) – именувана „Загубени во 1990-тите“ – реализиран во соработка со Друштво за македонско-германско пријателство и соработка.
Дел од програмата ќе биде посветен на големиот Буњуел, а ќе бидат прикажани и филмовите ВИРИДИЈАНА и АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ, благодарение на Амбасадата на Шпанија во РС Македонија.
Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура, Гете-Институтот, Кино Балкан, Кинотека на РС Македонија, Друштво за македонско-германско пријателство и соработка, Француски културен центар и Амбасадата на Шпанија во РС Македонија.
Билетите за сите проекции се бесплатни, а своето место публиката може да го резервира на билетарата на Кинотеката.

Македонски

