
Дали ЕУ ќе стави крај на блокадите и соседските уцени или тоа ќе остане само желба? 11 земји-членки на Е предводени од Франција и Германија, покренаа иницијатива за користење конструктивна воздржаност наместо вето во надворешната политика. Оваа промена би оневозможила Бугарија да поставува блокада за Македонија, но и на другите земји кандидати за прием.
За што се работи
Овие членки побараа да се разгледа можноста за премин од едногласно донесување одлуки на гласање со квалификувано мнозинство во надворешната политика на ЕУ, со оценка дека правото на вето на поединечните држави сè повеќе го блокира заедничкото дејствување на Унијата.

Австрија, Данска, Белгија, Финска, Франција, Германија, Луксембург, Холандија, Романија, Шпанија и Шведска испратија писмо до високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Каја Калас, во кое наведуваат дека принципот на консензус треба да придонесе за заедничко дејствување, а не да го спречи.
Земјите потписнички предложија пет принципи за подобрување на заедничката надворешна политика:
Почитување на принципот на „искрена соработка и меѓусебна солидарност“
Поголема употреба на конструктивни воздржувања наместо вето
Избегнување поврзување на одлуките за надворешна политика со прашања што не се фундаментално поврзани со нив
Разгледување на можноста за преминување на квалификувано мнозинство во рамките на постојните договори на ЕУ
Обврзување на државите што сакаат да блокираат таква промена да наведат „разумни витални причини“.
- Правната рамка за сите пет принципи веќе постои. Од нас зависи само да ги спроведеме и со тоа да ја подобриме нашата надворешна политика – се наведува во писмото.
Како се носат одлуките во ЕУ
Најголемиот број одлуки се донесуваат со квалификувано мнозинство: за „за“ се потребни 55 проценти од земјите-членки што претставуваат 65 проценти од вкупното население на ЕУ
Едногласност е потребна при донесување одлуки поврзани со:
Проширување на ЕУ
Надворешна и безбедносна политика, како што се санкции
Даноци
Буџет

Македонски



