
Опрема вредна 145,2 милиони денари, или околу 2,3 милиони евра, набавена во претходните години, не била евидентирана во деловните книги на Бирото за метрологија, додека мобилна лабораторија и дополнителна опрема вредни повеќе од 62 милиони денари или над милион евра не биле искористени за испитување на квалитетот на нафтата и нафтените деривати. Ова се само дел од серијата сериозни слабости што ги утврдил Државниот завод за ревизија, кој дал неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Бирото, како и за усогласеноста на неговото работење со законите и прописите.
Ревизорот констатирал и неусогласености кај пописот на имотот, сметководствената евиденција, наплатата на побарувањата и фактурирањето на услугите. Дополнителен проблем е што Бирото во 2024 година остварило 122,4 милиони денари приходи од услуги, но дел од постапките за нивно управување и наплата се спроведувале без интерни процедури и без јасно утврдени рокови.
Еден од најсериозните наоди се однесува на имотот на Бирото. При ревизијата било утврдено дека дел од средствата во вредност од 145.191 илјади денари сè уште не биле евидентирани во деловните книги и во Билансот на состојба. Причината, според ревизорот, е неизвршено примопредавање со Министерството за економија и труд.
Дополнително, кај основните средства била утврдена разлика од 5.544 илјади денари меѓу сметководствената евиденција и фактичката состојба утврдена со пописот.
„Не е обезбедено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката состојба утврдена со попис“, констатира Државниот завод за ревизија.
Проблеми има и со материјалите што Бирото ги користи во секојдневното работење. Во 2024 година биле набавени пломби, жигови, жиг-налепници за верификација и записници во вредност од 4,266 милиони денари, но за нив не била воспоставена соодветна сметководствена и материјална евиденција.
Особено внимание ревизорот посветува на мобилната лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива. Во 2019 година Бирото, по одлука на Владата, набавило мобилна лабораторија за 37,367 милиони денари. Две години подоцна била набавена дополнителна опрема во вредност од 24,758 милиони денари. Но, и покрај вложените повеќе од 62 милиони денари, во текот на 2024 година преку лабораторијата не била извршена ниту една анализа.
Причината била тоа што од надлежниот Државен пазарен инспекторат не биле доставени барања за испитување, иако Бирото има склучено договор за користење на лабораторија
Во 2024 година Бирото фактурирало услуги за верификација во вкупна вредност од 182,966 милиони денари. Од нив, дури 82,092 милиони денари, или околу 1,3 милиони евра, се однесувале на услуги по барања поднесени во периодот од 2018 до 2023 година. Ова, според ревизорот, укажува на значително доцнење во процесот на фактурирање. Утврдено е и дека побарувањата по издадени фактури за услуги за хомологација не се евидентирале навремено. Во 2024 година биле евидентирани побарувања од 14,193 милиони денари, од кои дел се однесувале на фактури издадени уште во 2023 година.
Ревизијата утврдила и дека Бирото нема воспоставено евиденција за издадените одобренија за тип на производ и согласности за регистрација издадени од техничките служби и овластените правни лица во постапките поврзани со возилата. Како причина е наведено тоа што МВР нема воспоставено регистар на возила преку кој би се овозможиле внес и размена на податоци меѓу надлежните институции.
Поради утврдените состојби, Државниот завод за ревизија дал повеќе препораки за подобрување на финансиското и оперативното работење на Бирото. Клучните проблеми што ги нотира ревизијата се однесуваат на неевидентирани милионски средства, неусогласена сметководствена евиденција, задоцнето фактурирање, недоволна контрола на приходите и неефикасно користење на скапата лабораториска опрема.

Македонски



