Skip to main content

Долг аплауз, овации и браво за документарниот филм на Елена Чемерска „Руини“ на „МакеДокс“

Со долг аплауз, овации, со браво од публиката и искрени честитки синоќа во преполниот Куршумли ан беше поздравена македонската премиера на документарниот филм „Руини“ во режија и по сценарио на Елена Чемерска која се одржа на 17. издание на Фестивалот на документарен филм „МакеДокс“ кој е во тек во Скопје.

Светската премиера на „Руини“ беше на 14 јуни 2026 година во рамките на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, каде што филмот беше селектиран во натпреварувачката документарна програма. Проекцијата се одржа пред полна сала, а по неа следуваше разговор со публиката и средба со авторскиот тим.

„Руини“ е документарец за реставрацијата на „Споменикот на слободата“ во Кочани, монументално амбиентално дело на Глигор Чемерски, татко на уметницата и авторка на филмот, Елена и архитектот Радован Раѓеновиќ.

Ова е интимен документарен филм за личната и колективната меморија, за загубата и наследството, во кој процесот на реставрација на еден споменик се претвора во патување низ сеќавањето и времето. Паралелно, во филмот се одвива и приказната за личната загуба во семејството Чемерски, за смртта на татко и Глигор и Филип и Огнен Чемерски, полубраќата на Елена. Филип, параглајдеристот кој трагично го загуби животот по пад од тераса и Огнен, професорот на Филолошки факултет и преведувач на „Моби Дик“ кој прерано почина од тешка болест. Во филмот ги гледаме и Каќа, првата сопруга и мајка на Филип и Огнен и Рајна, мајката на Елена и втората сопруга на Чемерски која заедно со ќерката ја водат битката за реставрација на споменикот во Кочани.

Филмот произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: Споменик на слободата“, инициран од Чемерска во 2017 година, кој низ меѓународни соработки се фокусираше на значенската и на физичката ревитализација на споменикот. Проектот кулминираше со целосната реставрација на споменикот и на неговите мозаици во 2024 година, овозможена со поддршка од US Ambassadors Fund for Cultural Preservation, во соработка со Општина Кочани.

Голем дел од екипата која учестуваше во создавање на „Руини“, за жал, поради обврски не беа присутни во Куршумли ан. Но, од тимот упатија огромна благодарност до сите кои биле вклучени во изработката на документарецот.

​Без нивната енергија и без нив дефинитивно не би било можно ова што е. Па луѓе, фала ви многу што бевте вечерва со нас, исто така ви благодарам за сите прашања. И на сите вас овде што останавте, без вас немаше да биде вака, дефинитивно. Благодарам на сите, знаете кои сте, сите што бевте и за сè што направивте за цело ова. Фала!, кажаа од тимот по проекцијата.

Чемерска по проекцијата кажа дека душата на филмот се архивите, односно тие се најважниот и најдрагиот дел од филмот.

И мислам дека тогаш сфатив дека ова е дека треба да се справиме со тоа на еден начин како спас, за да за да може тие архиви да го прозборат тоа што ги разликува од споменикот тогаш кога мислам дека тоа само ќе го подобри тоа, рече Чемерска.

Говорници од публиката што поставуваа прашања по проекцијата кажаа дека Споменикот на слободата на Чемерски е совршен пример за тоа дека овој град (Кочани) може да продоложи да живее и покрај трагедијата која се случи на 16 март 2025 година кога во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 млади луѓе.

На прашањето од публиката што претставува за неа слободата, Чемерска рече дека прашањето е многу тешко.

Мики во филмот вели дека слободата му е можност да времето и просторот да создаде нешто, да се изрази… така, креативно. Мене тоа ми се чини дека во голема мера е вистина, дека создавањето на простор и услови каде што можеме барем привремено да се почувствуваме доволно удобно да се изразиме и да оставиме нешто што као е дел од нас, а пак работи само по себе, претпоставувам тоа е некаква нејзина слобода, не знам. Многу ти е тешко прашањето, навистина, кажа низ насмевка Чемерска.

Споменик на слободата — монументален споменик во Кочани, изграден на ридот Локубија, на северозападната страна на градот. Споменикот е голем комплекс од отворени ѕидни конструкции, на кои се применети мозаици на Глигор Чемерски. Прогласен е за културно наследство на Македонија.

Споменикот е граден во периодот 1975-1977 година, од страна на тогашното Собрание на Општина Кочани. На распишаниот јавен конкурс за уметничко и архитектонско решение се јавиле повеќе автори од тогашна Југославија. Комисијата го избрала уметничко-архитектонското решение на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ.

Во 1981 година споменикот бил целосно завршен, а на 28 ноември 1981 г. (Денот на Републиката) со голема свеченост и присуство на граѓани, гости, уметници од културата, политичари и други, бил предаден во употреба.

По македонската премиера на „МакеДокс“, „Руини“ ќе има и посебна проекција на Споменикот на слободата во Кочани на 3 септември, во соработка со Europe House. Проекцијата на местото што е во самиот центар на филмската приказна ќе понуди поинакво доживување на делото, токму во просторот чија историја, трансформација и реставрација ги следи филмот.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар и РТВ Словенија во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од „Хартефакт фонд“. Копродуценти се продукциите „Синема футура“ и „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, во соработка со „Филмтрик“.

Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска; копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева, а извршен продуцент е Атанас Георгиев. Кинематографери се Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата е на Владимир Гојун и Горјан Атанасов, композитор на музиката е Игор Василев Новоградска, а дизајнер на звук Лука Гамулин.

Поврзани вести