
Издавачката куќа Антолог од Скопје во рамките на проектот ЕУрека: Читањето – семе на иднината! ja објави „Пчеларот Јошко“ од словачката авторка, илустраторка и пчеларка Симона Сматана, во превод на македонски јазик на Звонко Танески, топла и нежна сликовница за осаменоста, пријателството, грижата за другите и љубовта кон природата.
Во една пуста долина, каде што ништо не расте, живее Јошко. Тој е сам и често е тажен. Нема со кого да разговара, ниту со кого да ја сподели својата секојдневна рутина. Но едно утро зад неговата куќичка го очекува необично изненадување – рој пчели кој бара нов дом.
Јошко ги пречекува своите нови сосетки и постепено открива колку е убаво да се грижиш за некого. Од тој момент неговиот свет почнува да се менува. А со тоа се менува и самата долина.
„Пчеларот Јошко“ е едноставна, но длабоко човечна приказна за тоа како грижата за другите може да нè извлече од сопствената осаменост, но и за една уште поважна порака: ако сакаме нешто околу нас да се промени на подобро, треба да почнеме од себеси.
Особена вредност на книгата е што приказната природно се надополнува со едукативен дел посветен на пчелите. Малите читатели дознаваат како живеат пчелите, како се произведува медот, што работи една пчела во текот на својот живот и што му е потребно на еден пчелар за да се грижи за своето пчелно семејство. Така, книгата истовремено ги поттикнува љубопитноста и љубовта кон природата.
И токму тука лежи една од најубавите особини на „Пчеларот Јошко“: пчелите не се само дел од приказната – тие стануваат симбол на заедништвото, грижата и животот кој повторно се појавува таму каде што навидум немало ништо.
„Пчеларот Јошко“ е книга која на најмалите им покажува дека природата не е нешто што само го набљудуваме, туку свет за кој можеме да се грижиме. И дека понекогаш една мала промена – една пчела, еден нов пријател, една одлука да се погрижиме за некого – може да го промени целиот свет околу нас.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, програмата СЛОЛИА и на Министерството за култура на РС Македонија и е достапна во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

Симона Смaтана (1988) е словачка писателка и илустраторка на книги за деца и млади. Работи како фриленс илустраторка, создавајќи рачни и дигитални илустрации за книги, уредувачки проекти, бренд‑комуникација и други визуелни решенија во различни дисциплини. Студирала рекламен дизајн на Универзитетот во Бедфоршир, Англија, а потоа и меѓународен маркетинг на Универзитетот Нејпир во Единбург, Шкотска. Членка е на АСIL – Словачката асоцијација на илустратори и е позната по своите живописни илустрации што пронаоѓаат убавина во секојдневните детали. Кога не илустрира, ужива во пчеларството, пешачењето, истражувањето градови и во пронаоѓањето убавина во обичните нешта. Добитничка е Националната награда за дизајн во 2020 година.

Звонко Танески (1980) е доктор по филолошки науки, универзитетски професор (Катедра за словенски филологии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра). Автор е на шест поетски збирки, на седум научни монографии и на голем број лингвистички, литературни и културолошки студии објавувани на над 25 различни јазици низ светот. Од словачки на македонски јазик досега превел повеќе од 35 автори – во посебни книжни изданија. Се јавува и како приредувач и преведувач на хрестоматиите Единство на многугласјето (поглед врз новата словачка литература и култура низ македонскиот превод), Шестмина словачки поети („струшка антилогија“), како и на тематскиот број посветен на современата словачка книжевност во списанието „Книжевни елементи“ (2022). За преводот на делото Патагонија од Душан Митана ја освои наградата „Златно перо“ за превод на годината (2012), која ја доделува Сојузот на литературни преведувачи на Македонија; како и престижната награда „Павел Орсаг Хвиездослав“ за исклучителен и квалитетен опус на преводи од словачката книжевност и за нивната презентација и афирмација во светот за 2017 година (доделена од Асоцијацијата на писателски организации на Словачка).

Македонски


