Skip to main content

Во 2024 година речиси 75.000 пријави во Грција за даночни нерегуларности

Околу 200 пријави дневно или вкупно 74.944 во текот на 20024 година биле доставени до Независната управа за јавни приходи на Грција од граѓани, кои пријавиле даночни нерегуларности, даночно затајување, шверц, фалсификувани сметки, царински прекршоци сомнителни трансакции, но и корупција на службеници, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Од пријавите, според грчката државна телевизија ЕРТ, над 31.000 биле поднесени преку специјалната платформа на Управата, од кои мнозинството се однесуваат на даночни прекршувања, додека останатите над 43.000 биле поднесени преку специјалната апликација Аподикси (Сметка) за сомнителни фискални сметки.

Грчките граѓани, преку платформата имаат можност со полно име и презиме или анонимно да пријавуваат или да дадат информации за случаи на даночно затајување, шверц, даночни прекршувања во работата на државните службеници, по што надлежните вршат проверки и контроли.

Од друга страна, преку апликацијата за проверка на сметките, што над 300.000 граѓани ја инсталирале на нивните мобилни телефони, може да пријавуваат нерегуларности во врска со издавањето фискални сметки, а доколку се потврди прекршување од бизнисите предвидени се казни од најмалку 10.000 евра.

Поврзани вести