Skip to main content

Секој четврти ученик на возраст од 15 и 16 години се коцкал за пари во последните 12 месеци

Фрипик

Секој четврти ученик на возраст од 15 и 16 години се коцкал за пари во последните 12 месеци, а кај оние што се коцкаат, уделот на проблематично коцкање пораснал од 4,5 проценти во 2019 на 7,6 проценти во 2024 година, објави Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади, заедно со Иницијативата „Фрли ја коцката!“, во чест на 12 Август, Меѓународниот ден на младите.

Податоците, според ХЕРА, покажуваат дека коцкањето сè повеќе станува дел од секојдневието на младите, во средина во која казината, обложувалниците и онлајн платформите се лесно достапни.

По повод Меѓународниот ден на младите, ХЕРА Млади и иницијативата „Фрли ја коцката!“ со герила акција во Скопје предупредија на последиците од нормализирањето на коцкањето и обложувањето меѓу младите.

Еден од четворица ученици на возраст од 15 и 16 години се коцкал за пари во последните 12 месеци, а меѓу оние што се коцкаат, уделот на проблематично коцкање пораснал од 4,5 проценти во 2019 на 7,6 проценти во 2024 година. Податоците се аларм за младите, но и за општеството во кое казината, обложувалниците и онлајн платформите се сè подостапни.

По повод Меѓународниот ден на младите, ХЕРА Млади и иницијативата „Фрли ја коцката!“ со герила акција во Скопје предупредија дека коцкањето се претвора во нормализиран дел од секојдневието на младите, додека истовремено тие се соочуваат со невработеност, финансиска несигурност и неизвесност за иднината.

Според податоците од ЕСПАД 2024, коцкањето е значително почесто кај момчињата – 34 проценти, наспроти 16 проценти кај девојчињата.

Од ХЕРА велат дека проблемот станува уште посериозен кога коцкањето се гледа во поширокиот контекст на животот на младите. Младинската невработеност кај лицата од 15 до 29 години е 23,6 проценти, а 45,3 проценти од вработените млади, според Студијата за млади на „Фридрих Еберт“, не работат во професијата за која се образувале. Уште повеќе, 67,7 проценти имаат одреден степен на желба да се иселат од земјата.

фото: Хера

Во таква средина, предупредуваат од организациите, пораката дека со тикет, слот или онлајн облог може брзо да се дојде до пари е – особено опасна.

„Коцкањето не е само финансиски проблем“, посочуваат од ХЕРА, повикувајќи се и на предупредувањата на Светската здравствена организација дека проблематичното коцкање може да доведе до долгови, нарушени семејни и социјални односи, депресија и анксиозност, а е поврзано и со зголемен ризик од суицидалност.

Затоа ХЕРА Млади и „Фрли ја коцката!“ бараат построга контрола на објектите за игри на среќа во близина на училиштата, ограничување на нивното рекламирање, особено на интернет и социјалните мрежи, како и поефикасна проверка на возраста при онлајн коцкањето.

Тие бараат и финансиската писменост, превенцијата од зависности и грижата за менталното здравје да станат дел од образованието, како и обезбедување бесплатна и доверлива поддршка за младите кои веќе имаат проблем со коцкањето.

Од младите се очекува да учат, да работат, да останат во земјата и сами да изградат сигурна иднина. А што им нуди средината? Несигурни приходи, малку можности и коцкање на секој чекор како ветување за полесен живот“, порачуваат од ХЕРА Млади.

Според нив, на младите им се потребни образование, достоинствена работа, култура, спорт, финансиска сигурност и достапна грижа за менталното здравје, а не илузија дека иднината може да се добие на среќа.

Иднината на младите не е игра на среќа. Не ни ја коцкајте иднината“, е пораката на денешната акција.

Поврзани вести