
На август 1883 година, во Велес е роден Панко Брашнаров, македонски национален деец, народен учител, комунист, хуманист, најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ. Тој е прв претседавач на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв повереник на првата привремена влада на Македонија и иницијатор за формирање на првата новинска агенција на Македонија, најблизок соработник на Методија Андонов – Ченто.
Брашнаров е меѓу оние македонски дејци од крајот на 19 век кои ги прифатија левичарските идеи, идеи на кои останува верен до крајот на својот живот.
Во македонската национална меморија останува запаметен како личност која бескомпромисно се залагаше за создавање на македонска држава, во услови кога многумина немаа јасен став за македонското прашање. Затоа Брашнаров е член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ, не случајно како делегат на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, одржува говор со емоции кои предизвикуваат восхит и солзи кај присутните на заседанието и со тоа ја отвора работата на собранието.

Учесник е во најзначајните историски моменти во борбата на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските војни, Првата светска војна, па сè до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ.
По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото, Брашнаров е приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток, Република Хрватска, каде починува на 13 јули 1951 година.

Македонски


