
Освен посетите на Дубаи и Гармишпартенкирхен, единствената надворешно-политичка активност на Венко Филипче во текот на годинава беше присуството на основачкиот самит на „Глобалната прогресивна алијанса“ во Барселона во април. Се работеше за собир на политичари од европската социјал-демократска партија ПЕС, на кои им се придружија левичарски политичари од други држави како Мексико и Јужна Африка, и нормално финансиерот на целата оваа зафрканција – Алекс Сорос. Бидејќи партиите од групапцијата ПЕС се крајно непопуларни во своите матични држави, поради нивната долгогодишна поддршка за отварање на границите, неограничена миграција и уништување на домашните економии, самитот можеше да се одржи во една од 3-4те европски држави кои имаат лидери од ПЕС. Социјал-демократите, кои некогаш владееа со Германија, Франција, државите на средна Европа, доминираа во Италија… сега во ЕУ се сведени на власт во Малта, Данска (каде владее нетипична, анти-мигрантска социјал-демократска партија), Словачка (исто како Данска само што таму социјал-демократот Фицо е отворен Орбановец и неодамна ја повлече партијата од групацијата ПЕС) и Шпанија. Простете ми ако пропуштам некоја помала држава (Британија е под лабуристите, кои се ПЕС партија, но е надвор од ЕУ) но факт е дека социјал-демократијата во Европа е сведена на Педро Санчез.
Ова е многу сериозен проблем за СДСМ, како партија која е навикната на власт да доаѓа исклучиво со помош и интервенција од надвор. На СДСМ, за да победат, им е потребно САД, со своите инсталации на Балканот, и поголеми европски држави како на пример Италија, Холандија и Шведска, да застанат зад нив, а државите кои се под конзервативни влади, како на пример Германија, да стојат на страна или да ја препуштат својата балканска политика на социјал-демократи уфрлени по институциите (ликови како Михаел Рот). Ова беше состојбата за време на Шарената револуција. Денес работите се сосем поинакви – Трамп е на власт во Белата Куќа, лабуристите во Британија потпишаа договор за стратешко партнерство со ВМРОвската власт во Македонија, а социјал-демократите низ Европа се сведени на „шака јада“ и Педро Санчез.
И деновиве се случи токму Шпанија – единствената неспорна социјал-демократска влада во Европа со харизматичен лидер со кого Венко имаше шанса да се слика во Барселона – да ја оплеска работата во невидени размери. Паралелно со самитот во Барселона, каде Санчез и Сорос се сликаа со приврзоците како Венко, Шпанија соопшти дека ќе го легализира статусот на половина милион илегални мигранти, ќе им дозволи непречен престој и работа во Шпанија (а со тоа и во остатокот од ЕУ). Најавената бројка преку ноќ порасна на милион, па дури и неколку милиони (бидејќи Санчез очигледно лажел во проекциите кои им ги претстави на граѓаните пред легализацијата). Сигналот што Санчез го испрати до Африка и Блискиот Исток беше дека Шпанија е отворена за секој што може да се качи во гумен чамец и да довесла до Европа. Оваа „широкоградост“ и расфрлањето со лични карти и дозволи за престој, како и одлуката на шпански суд дека државата не смее да врши депортации ако мигрантите дошле во Шпанија преку граница која не е обезбедена, придонесе кон тоа десетици илјади жители на Мароко и остатокот на Африка да се организираат и да си ја пробаат среќата. Како Меркел во 2015та година со нејзиното познато Wir schaffen das, така и Санчез практично упати отворена покана до Третиот Свет да му дојде дома.
Чашата се прелеа минатата недела кога околу 60,000 мигранти, со очигледна помош од мароканските власти, се истоварија во шпанското градче Сеута, кое практично стотици години функционира како енклава на брегот на Мароко и е заштитено со жичена ограда која лесно може да се пробие или заобиколи со пливање. Мигрантите триумфално се прошетаа низ Сеута, ограбуваа станови и продавници, за потоа, кога им снема храна, дел од нив да се вратат назад, но илјадници сепак се останати и чекаат шпанската влада да им организира транспорт до Шпанија. Кризата ја шокираше Европа, која е навикната да гледа како оволкави групи илегалци и ги минуваат границите во текот на еден месец, но не во еден ден. Санчез се соочи со силни критики за амнестијата што ја најави во април, од европските држави кои го обвинија дека го злоупотребува Шенген системот за да направи нова мигрантска криза, а по Сеута критиките се претворија во отворени осуди, пред се од Италија. Кризата воопшто не е наивна – Сеута не е во Европа, но е поблиску до Шпанија отколку што грчките острови Хиос и Кос се до Грција – ако дел од мигрантите одбијат да се вратат во Мароко, неминовно е дека под притисок на жителите на Сеута шпанските власти порано или подоцна ќе мораат да ги префрлат во Шпанија, со што може да се отвори нова мигрантска рута – се што е потребно за ова да се случи е Мароко да продолжи да носи мигранти до Сеута или да им организира транспорт преку Гибралтарскиот теснец, како што Турција ги носеше до грчките острови во 2015 и 2016та година.
Од друга страна, Европа секој ден прима голем број мигранти преку Средоземното Море и Балканот, но бидејќи ова кршење на Шенген границата се случува постепено, бројките се распоредени во текот на целата година, температурата на водата се крева бавно, жабата се вари без да реагира. Затоа е дури и чудно што европските политичари, кои молчат за секојдневниот наплив на мигранти, толку жолчно изреагираа на будалаштините на Санчез. Ние сме навикнати дека нема некоја посебна разлика меѓу конзервативните партии од ЕПП, социјал-демократите од ПЕС или либерал-демократите на АЛДЕ/Renew. Ниту една од овие групации не се залага за сериозни реформи по најгорливите прашања на Европа – миграцијата и промената на населението, демографскиот колапс и економската склеротичност. На Балканот секако не сме забележале разлика дали ни се мешаат едните, другите или третите. Во време на Шарената револуција, најчесто политичките притисоци доаѓаа од ПЕС, но ЕПП, која би требало да биде некаква кочница и да ги земе во заштита своите „сестрински“ партии, или никаде ја немаше, или ја поддржуваше соросоидната агресија на ПЕС. Затоа ВМРО-ДПМНЕ, иако е членка на ЕПП, почна повеќе да се потпира на многу помалите, но барем принципиелни десни партии од орбитата на Виктор Орбан. Настрана провоцирањето обоени револуции низ светот, граѓаните на ЕУ не можеа да видат разлика по прашањето кое најмногу ги засега – миграцијата. Ќе гласаа за конзервативна опција која ветува намалување на миграцијата – Британците дури гласаа да излезат од ЕУ – и пак старите конзервативни партии од ЕПП немаше со прст да мрднат по ова прашање. Мрачната шега во разочараните десни политички кругови е – како тоа се нарекувате „конзервативци“, кога не можете ништо да конзервирате, спасите, зачувате? Дури сега со појавата на Трамп, Европа може да види како изгледа сериозна акција за депортирање мигранти.
Но, сметката за ваквото однесување порано или подоцна мора да се плати. Трамповиот бран во САД и движењето кое во Европа го изгради Орбан конечно почнаа да вродуваат со плод и десните гласачи сега веќе имаат избор. Групацијата ПЕС е растурена низ Европа, но „десната“ и ЕПП не се држи многу подобро. Стожерната партија на ЕПП (коалицијата ЦДУ-ЦСУ) е на власт во Германија (во коалиција со ПЕС), партија од ЕПП успеа со разни валкани трикови да дојде на власт и во Полска, но следните поголеми држави каде што цврсто се позиционирани на власт се помали земји како Грција, Португалија или Хрватска. Партнерите на ЕПП веќе не се конкурентни во држави како Италија (каде своевремено го имаа Берлускони) или Франција (Ширак и Саркози), а веќе стануваат трета опција и во Британија. Во овие држави на власт се, или се очекува да дојдат, политичари од новата трамп-орбанова десница, а партиите од ЕПП во најдобар случај може да се надеваат да играат улога на помал коалициски партнер – како во Италија. Дури и за таа улога, партиите од ЕПП ќе мора првин да се соочат со реалноста и да сфатат дека не се тие кои ги диктираат условите – како на пример во Германија каде меркеловската коалиција ЦДУ-ЦСУ се уште одбива да разговара за коалицирање со десната АфД и инситира дека до крај ќе коалицира со левите, либералните и зелените партии, иако АфД е веќе посилна во анкетите од ЦДУ/ЦСУ.
Накусо, приказната за божемен двопартиски систем на центар-лево и центар-десно партии која групациите ЕПП и ПЕС долго време им ја продаваа на гласачите на Европа веќе не проаѓа. Настрана тоа што овие групации не заслужуваат да се нарекуваат центар, имајќи предвид колку радикални се нивните позиции на теми како миграцијата и економските политики – да дозволиш два милиони луѓе да влезат илегално во Европа како што направи Меркел и да се нарекуваш умерена центристичка партија е безобразие. Попрво крајно десните партии како АфД во Германија и Реформ во Британија звучат како разумни, нормални партии, отколку партиите на Меркел и Санчез. Дел од гласачите сепак и понатаму ќе бараат статус кво партии од „центарот“ и се спремни да продолжат да гласаат за ПЕС или ЕПП, но голем дел веќе бара сериозни депортации и економски реформи. И така, бидејќи им се намалува колачот на власта на кој се навикнати, ЕПП и ПЕС почнуваат по долго време посериозно да се борат меѓу себе. Во минатото овие две партии беа спремни без поголеми тензии меѓу себе да ја делат власта низ Европа и да спроведуваат слични политики, но тоа време помина.
Во Шпанија постои Вокс – вистинска десна партија формирана по моделот на Орбан, но реално најголеми шанси за победа на следните избори има старата десна партија ПП која е дел од ЕПП. ПП дури и победи на последните избори, но социјал-демократите на Санчез направија коалиција со крајните левичари, каталонските и баскиските сепартистички партии и се одржаа на власт. Затоа ја гледаме и зачудувачката жестина со која голем број на европски држави, кои инаку и самите дозволуваат масовно доселување на мигранти, изреагираа против инвазијата на Сеута и го нападнаа Санчез затоа што не ја врши основната должност на државата – заштита на границата. На Санчез му се нафрли Европската Комисија (каде ЕПП има силно влијание), Полска, Италија, Австрија, Шведска, Холандија.. дури и Германија. Со исклучок на Полска, ниту една од овие држави не е позната по преземање сериозни мерки по прашањето на миграцијата, и критиките прозвучеа како изреката „подржи ми го коп..ето“, но се показател за тоа колку е силен расколот меѓу „центристичките“ партии ЕПП и ПЕС, и дека во тек е трансформација на европската политичка сцена. Санчез и самиот изгледаше зачуден од реакцијата, и почна во медиумите да шири разни теории – дека нападот врз Сеута бил планиран од Трамп, Израел, секако и Русија, и дека другите европски држави се здружиле со една од овие сили и затоа го критикуваат (факт е дека социјалните мрежи од САД интензивно известуваат за Сеута и за мигрантската криза во Европа, но тоа е крајно легитимна тема која конечно се покрива по децении сузбивање од страна на алгоритмите – фактот дека десетици илјади Мароканци влегле во ограден шпански град, или дека во Париз, Лондон и Брисел во тек е забрзана демографска промена е легитимна вест која смее и треба да се покрива во медиумите, а не да се прикрива).
Но, Трамп и Илон Маск сигурно не ги натераа европските лидери и Европската Комисија да го осудат Санчез. Многу по-реална причина за реакцијата е токму самитот во Барселона и позиционирањето на Шпанија како главен спонзор на тоа што остана од европската социјал-демократска левица и соросоидните движења. Со губењето на власта во големите европски држави, партиите од ЕПП се најдоа пред избор – дали ќе продолжат да прават коалиции со ПЕС, како во Германија, или ќе направат логична, природна коалиција со новите десни партии? По неколку проби во помали држави како што е Австрија и Шведска, доминантното мислење е дека старата десницата треба да продолжи да одбива коалицирање со „крајната“ десница, со која треба да се пресметуваат со тактиките на либералната недемократија (местени скандали како во Австрија, кривични истраги против Ле Пен, надуени финансиски скандали против Фараж, систематска репресија против ПиС во Полска, злоупотреба на разузнавачките служби против АфД во Германија..). Сепак, и покрај овие тактики, полека доаѓаме до моментот кога старата ЕПП десница во Европа нема да има избор – или ќе се обиде да направи сојуз со новата десница од типот на Трамп и Орбан, или ќе бидат збришани од гневните граѓани кои бараат некој да се справи со миграцијата. Тоа е клучниот пресврт во европската политика кој го чекаме – старата десница да се освести, да смогне храброст и да направи сојуз со новата десница.
Драмата во Сеута и дава шанса на ЕПП десницата да излезе и да каже дека веќе навистина се претера и да почне да применува дел од реториката на новата десница, а притоа да и помогне на своја сојузничка партија да победи на изборите во Шпанија кои треба да се одржат во 2027та – година на низа клучни избори во Европа. Можеби настапот на лидерите на ЕПП во врска со Сеута беше циничен, можеби им нема спас на овие „конзервативци“, можеби само планираат да добијат поени, да ја земат власта во Шпанија, но да продолжат да владеат како до сега. Но сепак, кризата е толку сериозна, зачестеноста на терористичките напади и општата криминалност во демографски трансформираните градови е толку напредната што на партиите кои нема да се престројат им се заканува исчезнување. Драмата во Сеута е досега најголемата можност да видиме конечен крај на центристичкиот сојуз на ЕПП и ПЕС, и создавање на коалиции меѓу старата и новата десница низ Европа.
На домашен план, крахот на Санчез и на сојузот меѓу ЕПП и ПЕС е многу сериозен проблем за СДСМ кои, повторувам, единствена шанса за доберување на власт гледаат во нова странска интервенција. Во СДСМ на власт е завистичкото крило, кое до пред 5-6 години можеше по потреба да обезбеди изјави на поддршка од Макрон, Меркел и Тереза Меј, додека нивниот лидер сонуваше за Нобелова награда. Денес, истата фракција под Филипче успеа само еднаш да покаже некаква меѓународна поддршка – токму во Барселона – и сега им се случува главниот спонзор на движењето кон кое се приклонија преку ноќ да стане најомразениот и најисмеваниот политичар во Европа и САД. Во време кога дури и еден Еди Рама се обидува да се симне со композицијата на социјал-демократите, Сорос и американската Длабока Држава, Филипче купи карта во еден правец. Дури и Ципрас (кој е „прогресивниот“, про-мигрантски, соросоиден претходник на Педро Санчез) ја искористи посетата на Заев и Филипче пред две години за да ги посрами, кога пред нив кажа дека е добро што го потпишале договорот во Преспа, затоа што Грција била под силен притисок од САД за да не пикнат во НАТО и ќе морала и самата да направи некои отстапки, да не го најдеше Заев.
Сличностите меѓу Ципрас и Санчез се големи – двајцата се медитерански глобалисти кои успеаа да и предизвикаат огромна штета на старата гарда во Европа, со мигрантските и финансиските проблеми кои ги предизвикаа. Но, тие се единствените двајца кај кои муртинското крило во СДСМ може да оди да се слика. Буквално ништо друго не остана од меѓународната коалиција која ги поддржуваше СДСМ во време на Шарената револуција. (Добро, СДСМ имаат меѓународен успех и во тоа што Шекеринска на секои 2-3 месеци ќе се слика на некој меѓународен форум, или со некој платен НАТО тиктокер, а сепак успеа да не се компромитира како нејзиниот шеф Руте со полтронско додворување на Трамп, но се уште не е извесно дали ова ќе и помогне на заевистичката фракција во борбата за превласт во партијата или ќе им одмогне, па затоа во СДСМ молчат за фото сесиите на Рада).
СДСМ со години инсистираа дека ВМРО има несоодветни меѓународни партнери, па пред некој месец дури како главна тема на нивните прес конференции беше падот на Орбан и како тоа ќе значело крај за партиите кои одржуваа соработка со него. Денес изгледа дека СДСМ се тие кои се обременети со еден единствен проблематичен меѓународен партнер – Санчез и неговиот спонзор Сорос, во конфликт со остатокот од Европа и Европската Комисија, со Јужна Африка и Алжир како единствени сојузници. Позициите на Орбан и Фидес се апсолутно нормални и класични политички ставови во споредба со позицијата на која стои политичкиот табор во кој се приклучи Филипче – дека Европа треба да дели дозволи на престој и работа на секој што ќе се доплива до некоја плажа во Шпанија, Италија или Грција.
Уште побизарно е што темата на која се сопнаа Санчез и „прогресивниот“ сојуз што го промовираше во Барселона, миграцијата, е токму темата која СДСМ ја одбраа како основа на својот обид привремено да се ребрендираат во анти-мигрантска партија. СДСМ под Филипче со недели не забавуваа со прес конференции за тоа како во Македонија ќе се граделе мигрантски кампови – намерно манипулирајќи во обид да се прикрие еден објективно голем надворешно-политички успех на ВМРО – договорот за стратешко партнерство со Британија. Како можеше Филипче, кој како медицинско лице излегуваше на прес конференции да не предупредува дека мигрантите кои Британија наводно ќе ни ги донесеше тука носеле разно-разни болештини, потоа да отиде на собир на кој доминираат Санчез и Сорос, двајцата главни поборници за погубната политика на отворени граници во Европа? Како можеше нашиот храбар борец за етничката, расна и здравствена чистота на Европа да отиде во Барселона и да се слика со овие глобалисти кои пуштаат Африканци во нашиот континент? Дали отиде да ги замоли да не прават мигрантски кампови во Македонија? Нормално, Филипче цинично и безочно лажеше кога обвинуваше дека ВМРО ќе донело мигранти во Македонија и знаеше дека нема никакви планови за тоа. Доколку СДСМ и Филипче имаат некаков став за мигрантското прашање, тие се „верни до гроп“ на позициите на Сорос, кој ја организираше кризата во 2015та година, а веројатно наскоро ќе се утврди дека со својот пулен Санчез и невладините организации кои ги финансира бил замешан и во Сеута (што е сигурно многу пологично од тезите за руско влијание).
А каков став може СДСМ да има по мигрантската криза, кога самите докажаа дека не веруваат во посебноста на својата држава. Не веруваат во името, грбот и знамето, покажаа дека не им е гајле за историјата и религијата (која нивната претходна партија систематски ја прогонуваше). Не веруваат во нацијата, која Заев ја прогласи за „македонската мултиетничка нација“, туку во некакво аморфно граѓанство. Што тогаш има да се секираат за некаква си таму граница? Само партија која верува во својот народ, во националната држава, во својата историја и култура, може да ги брани границите од туѓинци. Глупо е што воопшто разговараме за овие прашања, и што некој воопшто сериозно ги пренесуваше соопштенијата на СДСМ за наводните мигрантски кампови. Колкумина од СДСМ за време на кризата во 2015-16та, работеа во невладини организации за побрз транспорт на бегалци, кога имаше поврзаност на УСАИД фондовите за мигрантската криза и за шарената револуција? И тие неколку месеци се преправаа дека се анти-мигранти за потоа да одат на бацирака кај Сорос во Барселона. Се преправаат дека се заштитници на жените против патријархатот, а се во политички сојуз со држави и милијардери кои сакаат Европа да има отворени граници за неконтролиран наплив на мажи од земји од Третиот Свет со прилично спорни ставови кон женските права. Луда, забегана партија, дел од лудо, забегано меѓународно движење, со кое Европа почнува да расчистува.

Македонски


