Skip to main content

Македонија во 2025 година

Freepik

Пред нас е тешка и неизвесна година, со огромни предизвици. Така ќе биде и на домашен, и на меѓународен план, со силно влијание на надворешниот сегмент врз внатрешниот. Тоа е продолжение на белосветските политики, чија цел е што побрзо бришење на македонскиот народ.

Намерно ни е подметнато интеграцијата во ЕУ да биде едно од (нај)важните недоразбирања и во меѓуетничките односи. Очигледно, другите долгорочно планираат. Демек, Албанците сакаат во ЕУ, порано и во НАТО, а Македонците се колебаат и имаат поважни работи! Ете ти мотив за судир! Тоа е скроено од странските тајни служби, коишто нашите соседи, Албанци, дури ги нас’скале на бесмислен начин јавно да декларираат дека, ако треба – сами ќе одат во Брисел!

Сосема намерно, тоа е жесток притисок за забрзување на разнебитување на Македонците а, од друга страна, историска прилика за (поголем дел од) албанските политичари да го туркаат големоалбанскиот проект. Се’ е одлично скроено за новата албанско – бугарска федерација. А Албанците, никако не се сами, и јасно им е дека ЕУ сериозно се злоупотребува за да се сотре нашиот национален идентитет. Сосема се свесни дека ние мораме да се браниме за да опстанеме како народ и, место целосна и сесрдна поддршка, тие се против нас!? Имаат свои национално – шовинистички цели. Срамно, што друго?

А, како ќе одат сами во ЕУ? Пешки? Ако малку подлабоко се анализира и само овој случај, јасно се гледа дека преговорите за членство во ЕУ се сметаат за најлесен начин да се затвори „Македонското прашање“. Тој чин, пак, не е можен без наша бугаризација, бидејќи никако не можат да нѐ фрлат на ѓубриште. Затоа, еве ти ја Софија на потег. И ова е доволно за да сфатиме што ни се случува.

Сепак, добро е што Македонија е целосно посветена на интеграцијата во ЕУ. Лошо е што секогаш прифаќаше се’, без никаков отпор, без оглед на честите бесмислени уцени и ултиматуми. Почнувајќи од приемот во ООН. Факт е дека Унијата е светско цивилизациско достигнување и, што и да се случува – ќе опстане. Треба да продолжиме со се’ што е природно, нормално и политички оправдано за да станеме членка, ама ништо повеќе од тоа. Тоа останува наш интерес.

Хендикеп е, меѓутоа, што Унијата нема да се шири уште многу долго време, а можеби и никогаш повеќе. А, и да се шири, Македонија лесно може да остане надвор. Со помош и на Софија и Атина, ама не заради нив.

Затоа, Македонија мора правилно да ги цени состојбите. Секогаш било погрешно, дури и погубно, да се игра на една карта. Така е и сега. Унијата е добар избор, ама нејзините досегашни политики во однос на Македонија беа, и остануваат – поразителни. Тоа воопшто не било случајно. Ни менуваа Устав, знаме, име, национален идентитет… се’ за џабе! Не ни признаваат јазик, историја… Што уште треба да ни направат за да сфатиме дека тука има скриен проблем за нас? Вистинска блокада? Дека сме пред непремостливи пречки?

Веќе е премногу видливо дека Брисел не сака Македонци во своите редови, и прави се’ за да задоволи нечии туѓи интереси. Тука се и државите од регионот, ама клучни се тие посилните, преку барата. А ние молчиме, и се правиме отсутни. Не е лесно да се конфронтираш со најсилниот во светот ама, ако не си спремен да се бориш, седи си дома.

На Кисинџер му се припишува мислата – лошо е кога САД ти се непријател, ама е страшно кога ти се (прават!) пријател! Се чини како да го прејудицирал случајот со Македонија?

И сегашната бугарска агресија, а претходно и грчката, не беа изолирани. Тие беа дел од систем. Покрај тоа, секому мора да му биде кристално јасно дека бугарската политика кон Македонија нема сериозно да се менува барем во следните 50 години. Практично, тоа го исклучува нашето членство во ЕУ! Погрешно се калкулира со некаква нова тамошна влада, со некакво нивно разбирање за нашите капитулации… Тоа е самозалажување и непотребно губење на време. Сосема непотребно, се вртиме во маѓепсан круг.

Нема теоретска шанса ниту Унијата, уште помалку Бугарија, сами да ги променат своите политики кон Македонија, прецизирани со наша согласност. Нема процедури, правила…, нема никаква основа врз која би можеле да ни ги простат нашите предавства и да одлучат дека нашата обврска за промена на Уставот треба да се поништи! Зошто да се откажат од нашата согласност, ако ние не ја повлечеме? Зошто да почнуваат од ново со тешко прашање, коешто успешно го апсолвирале? За нив, тоа е незамислива и невозможна отстапка. А немаат ниту причина, камоли повод за такво нешто. Нашите објаснувања може да ги разбираат, ама тие не се доволни за акција. Тие се против нивните интереси!

Одложената промена на Уставот, пак, за нив е голема и целосно неприфатлива отстапка. Зад тој ултиматум се кријат многу подлабоки интереси, зад кои не стојат само Брисел и Софија. Ако овде некој и не разбира, душманите точно знаат дека е тоа одлично осмислен начин за елиминирање на Македонците како посебен народ. Од тоа, во никој случај нема да се откажат. Не само ЕУ и Бугарија.

Впрочем, ако некому си рекол дека ќе го посетиш – или треба да одиш, или да ја откажеш посетата. Трето нема. Исто е и со обврската за промена на Уставот. Или ќе го извршиш ветеното, или ќе го откажеш. И тука трето нема. Никој и никаде нема да ги исправа твоите будалштини, освен самиот.

Паралелно, не треба да се очекува дека ќе има некаква промена во начинот на одлучување во Унијата, вклучувајќи го и правото на вето. Едногласноста ќе остане бидејќи е тоа привилегија, или утеха, за најголем дел од членките. Нема никакви можности и за системот – сите минус еден, или два.

Случајот на Унгарија во однос на Украина, кога премиерот Орбан излезе од салата и без нивниот глас беше донесена одлука, беше само редок исклучок и ништо повеќе. Имаше и реални причини за тоа. Никогаш, ниту со прст Бугарија нема да мрдне, заради било каква корист за Македонија!

По седум изгубени години, од средината на 2024, новата власт започна одлучно да ги артикулира и да ги брани нашите интереси на меѓународен план, што секако е за почит. На добар пат се, ама не треба да се залажуваме дека ќе постигнеме некаков успех, без одлучно самите да ги исправиме сопствените историски грешки. Една, по една. Самите си ја избербативме сопствената земја, сами мораме да си го исчистиме и ѓубрето. Тоа е универзално правило. Ако сакаме да успееме, и ние мора да го почитуваме.

Исто така, по цели 30 години третман од Брисел како да сме недоветни, крајно време е да кажеме – доста беше! И, да ставиме крај на нашата инфериорност. Во секој поглед.

Повод за вакви размислувања мора да биде и фактот што Брисел веќе формира Втора лига, и сосема е извесно дека (трајно?) ќе останеме во чекалната. Затоа, прво мораме што поскоро да ги расчистиме односите со Бугарија, преку наше откажување на вториот протокол, а не со молење. Потоа, треба да се работи на оптимализација на нашиот дипломатски маневарски простор. Не смееме да прифаќаме сѐ што Унијата бара од нас, како на пример целосната заедничка надворешна политика, а за возврат да не добиваме ништо, или многу малку. Надворешната политика мора да се базира на нашите интереси. Мора да се развиваат односите и соработката со сите од кои можеме да имаме корист.

Новата бугарска влада, која е всушност малцинска, нема да трча на средби со нас ама, само заради демонстрација на добра волја – нема да може и да ги избегнува. И, ништо повеќе. По никоја цена, Софија нема да прифати никакво репреговарање, освен ако ние не ги ставиме пред свршен чин, со повлекување на вториот протокол. Место за такви надежи – нема. За нив е тоа завршена работа. Зошто да го доведуваат во прашање својот историски триумф? Постигнаа незамислив успех и со префрлањето на проблемот во Брисел, што не е само нивна заслуга, и сега со право ќе нѐ упатуваат да се обратиме таму. А, што значи тоа, не треба да се објаснува.

Силен е впечатокот дека новата власт ангажирано започна да ги решава проблемите и на внатрешен план. Барем во некои области. Добро е што нагласено внимание се посветува на економијата, бидејќи е таа клучот на се’. Се најавуваат и подлабоки реформи, ама можеби е рано за конкретни пробиви. Сепак, времето лета и не работи за нив, а кога сте на функција – и ве гази! Соочени се со огромни предизвици, коишто бараат целосна посветеност, особено во борбата против корупцијата. Мора што поскоро да се одредат орган и личност кои ќе ја водат, а треба да бидат од нависоко ниво, и веднаш да подготват детална стратегија. Ништо без тоа.

Заклучокот е јасен – без одлагање мораме да ги ставиме на маса сите за и против аргументи за дереџето во коешто сме доведени, да се донесат правилни одлуки, и да се тргне во акција. Тоа е во интерес на сите. И на Брисел, та дури и на Софија ќе им олесни ако излезат од тунелот во којшто се втурнале, благодарејќи и на нашите капитулации.

Ако сакаме промени, само ние можеме да ги направиме. И дома, и надвор. Никој друг. За почеток, мора да се откаже вториот протокол со Бугарија, со што автоматски отпаѓаат и ултиматумот за промена на Уставот, и катастрофалната преговарачката рамка. Друг излез – нема. Врева ќе има, ама бргу ќе се смири. На домашен план, освен економијата, приоритет мора да има корупцијата. Ние сме на потег.

Поврзани вести