
Полска го забрани капењето во седум одморалишта на Балтичкото Море поради присуство на бактеријата ешерихија коли.
Пет од овие крајбрежни одморалишта се наоѓаат во Дарлово, а две во Гдањск, пренесува денеска полското радио „Зет“.
Главниот санитарен инспекторат на својата веб-страница известува дека во Западнопоморското Војводство водата на пет капалишта во Дарлово е несоодветна за капење поради бактеријата ешерихија коли. Тестирањето на водата таму исто така открило и присуство на ентерококи.
Црвени знаменца се истакнати и на две капалишта во Гдањск, каде што исто така се откриени ешерихија коли и ентерококи. Како што се наведува во предупредувањето до граѓаните, капењето во контаминирана вода или нејзиното голтање може да предизвика труење со храна и да доведе до инфекции на уринарниот тракт, меѓу другото.
Проблемите со бактеријата ешерихија коли погодија и локации во Хрватска, пренесуваат локалните медиуми. На плажата Билин Жал во Лумбарда на островот Корчула е забележано краткотрајно фекално загадување на морето поради зголемена концентрација на бактеријата ешерихија коли, поради што до понатамошно известување не се препорачува капење, предупреди Дубровничко-неретванската жупанија.

Македонски


