
Македонскиот фудбал остана без уште едно познато име. Почина Агрон Мемеди, поранешен фудбалер, македонски репрезентативец и тренер, кој со својата посветеност и професионализам остави значаен белег во домашниот фудбал, особено во Шкендија и Ренова.
Роден на 5 декември 1980 година во Тетово, Мемеди ги направи првите фудбалски чекори во дресот на Шкендија, а подоцна кариерата ја продолжи во Ренова, клубот со кој ги доживеа најголемите успеси на играчки план.
Токму со Ренова испиша важни страници од клупската историја, освојувајќи ја шампионската титула во Првата македонска фудбалска лига во сезоната 2009/2010, како и Купот на Македонија една година подоцна. Во текот на својата кариера настапуваше и за Металург, а имаше и еден настап за сениорската репрезентација на Македонија.
Неговата љубов кон фудбалот не заврши со последниот настап на теренот. По завршувањето на играчката кариера во јануари 2018 година, Мемеди се посвети на тренерската професија. Прво ја предводеше Ренова, а потоа се приклучи на академијата на Шкендија, каде што работеше со младинските категории и учествуваше во создавањето и развојот на новите фудбалски генерации.
Од август 2026 година беше дел и од стручниот штаб на првиот тим на Шкендија, како помошник-тренер на Артим Положани.
Веста за неговата смрт предизвика тага во фудбалската јавност. ФК Шкендија преку телеграма изрази сочувство до семејството, пријателите и сите кои го познаваа и соработуваа со Мемеди.
Со неговото заминување, македонскиот фудбал загуби човек кој речиси целиот свој живот го посвети на најважната споредна работа на светот. Од фудбалските терени како играч, до тренерската улога и работата со младите таленти, Агрон Мемеди ќе остане запаметен како дел од фудбалската приказна на Шкендија и Ренова.

Македонски



