Skip to main content

Сопругата на Пендаровски меѓу добитниците на наградата „13 Ноември“

Сопругата на поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска, е меѓу добитниците на годинашната награда „13 Ноември“ на Град Скопје. Признанието ѝ е доделено како дел од авторскиот тим кој ги подготви учебниците „Превентивна стоматологија“ и „Детска стоматологија“, значајни стручни изданија за образованието на идните стоматолози и унапредувањето на грижата за оралното здравје.

Станува збор за резултат на повеќегодишна научна и стручна работа на тим од Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, предводен од Ѓоргиевска.

Учебникот „Детска стоматологија“, издаден од „Арс Ламина – публикации“, е првиот сеопфатен учебник од оваа област кај нас. Содржи 37 поглавја во кои се обработени клучните теми поврзани со здравјето на детските заби, стоматолошката заштита и специфичностите во третманот на најмладите пациенти. Во неговата подготовка учествувале и домашни и меѓународни автори, а содржината ги обединува долгогодишното клиничко искуство и современите научни сознанија.
„Превентивна стоматологија“, пак, е наменета за студентите на студиската програма за доктори по дентална медицина и ја обработува важноста на спречувањето на заболувањата на забите и усната празнина, раното препознавање на ризиците и создавањето здрави навики. Двата учебника претставуваат поврзана целина, со заедничка порака дека грижата за оралното здравје треба да започне уште од најрана возраст.

Проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска е универзитетска професорка и стоматолог, а нејзината професионална кариера е поврзана со Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје.

Таа е дел од Катедрата за детска и превентивна стоматологија, со која раководи од 2018 година. Нејзината академска и стручна работа е насочена кон детската стоматологија, превенцијата и унапредувањето на оралното здравје, како и едукацијата на новите генерации стоматолози.

На пошироката јавност ѝ е позната и како сопруга на поранешниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски, кој ја извршуваше претседателската функција од 2019 до 2024 година.
Наградата „13 Ноември“ е уште едно признание за нејзиниот научен и академски ангажман, овојпат заедно со останатите автори кои придонесоа за создавањето на стручна литература од значење за македонското стоматолошко образование.