Skip to main content

Праизведба на „Вонземјани“ од Игор Кузмановски во режија на Васил Михаил денеска во МНТ

Претставата „Вонземјани“ од Игор Кузмановски, во режија на Васил Михаил, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на малата сцена на Македонскиот народен театар во Скопје. Претставата е праизведба, а улогите ги толкуваат: Нино Леви, Марија Новак, Димитрина Мицкоска, Наум Ѓорѓиески и Димитар Паскоски. Костимите се дело на Благој Мицевски. „Вонземјани“ е во продукција на Здружението за промоција на уметност и театар „Мана“, заедно со МНТ.

Во драмскиот текст „Вонземјани“, вонземјаните не се суштества од други планети, туку метафора за современиот човек. Преку нив сакам да го поставам прашањето: Дали човекот губејќи ги своите човечки особини – сочувството, солидарноста, љубовта и одговорноста – престанал да биде човек? Во самиот текст се поставува и прашањето, дали среќата е вистинска состојба или e само илузија во која живееме за да ја избегнеме реалноста, прашува Кузмановски.

– Додека деца умираат од глад, додека луѓе гинат во војни, додека дишеме загаден воздух и јадеме храна полна со пестициди, додека секојдневно сме опкружени со лаги и лицемерие, можеме ли навистина да кажеме дека сме среќни? „Вонземјани“ е обид преку драмската форма да се погледнеме себеси од страна, како туѓинци што ја набљудуваат човечката цивилизација. Пораката на делото не е да даде конечни одговори, туку да поттикне размислување за вредностите што ги губиме и за светот што го создаваме. Ако човечноста исчезне, тогаш вистинските вонземјани нема да дојдат од вселената – тие веќе ќе бидеме ние самите – вели Кузмановски.

„Вонземјани“ е претстава која пулсира како урнебесно комичен жанровски амалгам и ја отсликува нашата реалност во поглед на семејните односи, стереотипите, инвазијата на технологијата и лажните информации и
корумпираноста на општествениот систем. Современиот театарски израз ни нуди естетика која е автентична и невообичаена, додека содржината длабоко продира во проблематичните теми на нашето и светско секојдневие, споделува Васил Михаил.

– Духовитите дијалози и инцидентните ситуации до раб на апсурд прават оваа социјална горчлива драма за нашата реалност да биде свежа, комична и емотивна. Сензибилитетот на ликовите и околностите во кои се
сместени се несомнено универзални, но затоа што авторот е домашен, тие природно го содржат во себе идентификацискиот код на овие простори. Секоја приказна може да има повеќе краеви, од нас зависи кој ќе го одбереме да ни се случи. Додека постои хуморот ќе опстои оптимизмот – вели Михаил.

Поврзани вести