
Во секоја демократска држава опозицијата има една многу важна задача – да ја контролира власта. Да поставува прашања, да бара одговорност, да предупредува кога институциите грешат. Тоа е нејзината улога. Таква треба да биде и улогата на македонската опозиција. Да не зборуваме за внатрешната состојба во опозиционата партија, но каква таква, барем нека се труди да биде корисна. Да, СДСМ поставува прашања, критикува…Но, кога критиката ќе ја замени хистеријата, тогаш најголемиот губитник не е власта, туку јавноста.
Токму тоа се случува деновиве со случајот во Гостивар.
Наместо аргументи, добивме драматични квалификации од страна на СДСМ на Венко Филипче. Наместо анализа на фактите, добивме политички настап кој повеќе личи на обид да се произведе страв отколку да се помогне во решавањето на кризата. Политички настап на Венко Филипче, човекот за чие министерување изгореа живи луѓе во модуларната болница во Тетово… Другите скандали и да не ги отвораме.
По три последователни дена анализи, направени на шест различни локации, стручните служби утврдија дека водата може да се користи како техничка. Не за пиење. Не за подготовка на храна. Тоа беше повторено повеќепати. Истовремено беше објаснето дека водата може да се користи за капење, миење и останати домашни потреби, а мониторингот продолжува сè додека не бидат исполнети условите и за повторно користење како вода за пиење.
На истата прес-конференција не беше само Панче Тошковски, кој впрочем е од Кризниот штаб. Присутни беа претставници на повеќе институции, меѓу нив и стручни лица кои ги образложија резултатите од анализите. Беше објаснета методологијата, беа наведени шесте мерни точки, тридневното тестирање и беше најавено продолжување на испитувањата.
Може ли некој да бара објавување на анализите? Секако. Тоа е легитимно барање и во интерес на јавноста.
Но, нешто сосема друго е кога, без да се понуди ниту еден стручен контрааргумент, се создава впечаток дека институциите повторно ги изложуваат граѓаните на опасност. Уште поинтересно е што во целата оваа политичка офанзива, денови наназад, речиси и да не се слушна збор за градоначалникот на Гостивар. А токму локалната самоуправа и јавното претпријатие се тие што управуваат со водоводниот систем.
Опозицијата побара оставка од министерот за здравство. Добро. Тоа е нивно право иако како што веќе кажав – колку е легитимен Филипче да бара оставка е друг муабет. Но, каде е барањето за политичка одговорност од градоначалникот? Каде е прашањето како дошло до контаминацијата? Каде е критиката кон локалните служби што требало да го обезбедуваат системот?
Таму е тивко. За тоа опозицијата ја нема. Се прашувам зошто… Од која партија беше градоначалникот?!?
Наместо одговорност од локалните служби, опозицијата во јавноста пласираше и идеја Армијата да ги обезбедува водоводните системи. Во мирнодопски услови. Прашањето е дали навистина тоа е решение или само уште една драматична порака за дневнополитичка употреба. Ако секој водовод во Македонија треба да го чуваат војници, тогаш тоа би било признание дека државата целосно се откажала од редовното функционирање на институциите и јавните претпријатија. Обезбедувањето на водоводите е обврска на тие што управуваат со нив, а полицијата интервенира кога има индиции за кривично дело. Армијата не може да стане трајно обезбедување на секоја критична инфраструктура во државата.
Во оваа приказна има простор за критика. Секогаш има. Може да се бараат анализите да бидат јавно објавени. Може да се бара одговорност ако некој потфрлил. Може да се бара побрза истрага и целосно расчистување на случајот. Но, не може секоја криза да се претвора во политичка паника. Особено кога станува збор за здравјето на граѓаните. Во такви моменти политичките поени не смеат да бидат поважни од довербата во институциите и од смиреното информирање на јавноста.
Опозицијата има право да биде гласна. Но, кога гласноста ќе ја замени аргументацијата, тогаш политиката почнува да личи на хистерија. А од хистерија, досега, никој не добил чиста вода.

Македонски



