Skip to main content

Во Стара чаршија откриена спомен-плоча на Адолф Циборовски за неговиот придонес во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и Јулија Циборовски, внуката на истакнатиот полски урбанист Адолф Циборовски, денес во Старата скопска чаршија ја открија спомен-плочата посветена на Циборовски, во знак на благодарност за неговиот придонес во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година и за неговата посветеност на зачувувањето на историското наследство на градот.

Како што информираат од општина Чаир, во своето обраќање, градоначалникот Меџити ја истакна важноста од негувањето на историската меморија и оддавањето признание на личностите кои оставиле трајна вредност во развојот на Скопје.

-Адолф Циборовски беше еден од оние луѓе кои разбраа дека градот не се гради само со создавање на новото, туку и со зачувување на она што го прави единствен. Неговиот придонес во зачувувањето на Старата скопска чаршија останува дел од историјата на Скопје, а спомен-плочата што денес ја откривме е израз на нашата благодарност за неговата визија и посветеност – изјави Меџити.

За време на настанот беше истакнато значењето на меѓународната солидарност во обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година, како и потребата од зачувување на историското и културното наследство како нераскинлив дел од идентитетот на градот и неговата колективна меморија.

Поврзани вести