
Италијанските истражители направија значаен исчекор во расветлувањето на убиството на спортскиот новинар Луиџи „Лука“ Еспозито (53), чие запалено тело беше пронајдено на 19 јули на земјоделско земјиште во близина на Еболи, во покраината Салерно.
Според Обвинителството во Салерно, приведен е 26-годишен државјанин на Тунис, кој нелегално престојувал во Италија. Осомничениот бил пронајден во напуштен објект, а за време на сослушувањето, во присуство на адвокат, го признал убиството.
Истрагата покажала дека Еспозито и осомничениот се познавале и се сретнале на денот на убиството. Според досегашните сознанија, меѓу нив избувнала расправија, по што новинарот бил брутално претепан, при што се здобил со повеќе скршеници на лицето, ребрата и карлицата. Потоа напаѓачот го запалил користејќи пластичен материјал, ќебе и сува вегетација.
Обдукцијата утврдила дека причината за смртта е насилно механичко задушување. Форензичките анализи, исто така, покажале присуство на чад во дишните патишта, што упатува на можноста Еспозито сè уште да бил жив кога бил запален. Обвинителството наложило дополнителни вештачења за конечно да се утврди точниот редослед на настаните.
Во текот на претресот на местото каде што се криел осомничениот, карабинерите го пронашле и мобилниот телефон на Еспозито, како и негова платежна картичка. Токму отпечаток од прст на автомобилот на жртвата, телефонските комуникации и податоците од базните станици биле клучни за идентификување и лоцирање на осомничениот.
Луиџи „Лука“ Еспозито беше еден од најпознатите спортски новинари во регионот Кампанија. Тој беше главен уредник на порталот „TuttoSalernitana.com“, работеше како телевизиски спортски коментатор и соработуваше со повеќе локални медиуми. Неговото убиство предизвика силни реакции кај новинарските организации, кои побараа целосно расветлување на случајот и утврдување дали злосторството е поврзано со неговата професионална работа.

Македонски


