
Американските царини за увоз на стока од Србија привремено ќе бидат намалени на нула проценти додека траат трговските разговори меѓу Белград и Вашингтон, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во интервју за Радио-телевизија Србија (РТС), Вучиќ рече дека досегашната царинска стапка од 35 проценти, која беше воведена минатата година, престанува да важи и дека за време на преговорите српските производи ќе се извезуваат на американскиот пазар без дополнителни царини.
„Во одреден момент царините веројатно ќе бидат меѓу 10 и 12 проценти, но засега, додека траат разговорите, тие се нула проценти“, изјави Вучиќ.
Според него, ова претставува значајно олеснување за српските компании што извезуваат во САД, но и дополнителен поттик за странските инвеститори кои размислуваат да отворат производствени капацитети во Србија.
Вучиќ посочи дека високите американски царини биле една од главните забелешки на јапонските компании со кои разговарал за време на посетата на Јапонија, бидејќи го ограничувале извозот кон американскиот пазар. Тој оцени дека нивното привремено укинување може да донесе нов инвестициски бран, вклучително и од јапонски, корејски и американски компании.
Српскиот претседател потсети дека и пред воведувањето на општата царина од 35 проценти, САД применувале посебни давачки за одредени производи од Србија, меѓу кои челикот, алуминиумот, бакарот и патничките автомобили.
Засега нема официјална потврда од американските власти за привременото укинување на царините, а информацијата се темели на изјавата на српскиот претседател. Доколку договорот биде финализиран, Србија очекува трајната царинска стапка да изнесува меѓу 10 и 12 проценти, што би било значително пониско од досегашните 35 проценти.

Македонски


