Skip to main content

Вајарот Андреј Митевски, чија скулптура „Перо“ е дел од колекцијата на папата Лав Четиринаесетти, вечерва изложува во Охрид

Во галеријата „Култ“ во Охрид вечерва (24 јули) во 20 часот ќе биде отворена изложба на скулптури на академскиот вајар Андреј Митевски, на која охридската публика ќе има можност да се запознае со неговиот најнов циклус дела. Изложбата ќе трае до 31 јули.

Митевски е автор со повеќедецениска творечка дејност, со јасно изграден и препознатлив уметнички јазик. Во текот на својата богата кариера реализирал бројни самостојни изложби во земјата и странство и учествувал на значајни меѓународни изложби и скулпторски симпозиуми низ светот. Неговото творештво се темели на постојано истражување на формата, материјалот и односот меѓу скулптурата и просторот.

– Она што особено го издвојува делото на Митевски е неговиот однос кон каменот. Кај Митевски каменот не е само материјал што треба да се совлада — тој е жив медиум, материја која во себе веќе ја носи потенцијалната форма. Авторот не ја наметнува формата, туку внимателно ја открива и ја ослободува.

Во оваа изложба, малите формати изработени во мермер, камен, оникс и стакло ни го откриваат неговиот препознатлив свет — свет на суптилни женски торза и торза на ангели, форми сведени до самата суштина, ослободени од непотребното, форми исполнети со силна емотивна и духовна енергија – вели историчарката на уметност Јасмина Котевска во најавата за изложбата.

Годинава, неговата скулптура „Перо“ отпатува со македонската делегација во Ватикан, по повод чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј и стана дел од колекцијата на папата Лав Четиринаесетти.

Поврзани вести