Skip to main content

„Линии“ – изложба на илустрации за деца од Иванка Ниба во Прилеп

Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ Прилеп, во соработка со Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, на 24.12.2026, со почеток во 13:00 часот, организира самостојна изложба на академската уметница, Иванка Ниневска Батева. На изложбата ќе бидат претставени илустрации за деца по кои уметницата ѝ е позната на публиката.

Изложбата е закажана во 13:00 часот, во просториите на библиотеката „Борка Талески“ – Прилеп. Модератор на истата ќе биде Лина Димоска, а децата ќе добијаат можност да ги погледнат сликите и да разговараат со илустраторката.

„Кога зборуваме за илустрациите на Иванка НиБа, зборуваме за слобода, фантазија, идеи, експерименти, сировост, детство… Таа неверојатно умешно и храбро бира да црта спонтано и неоптоварено со уметнички правила и академски стандарди кои вообичаено го дефинираат „квалитетот” на едно издржано дело. Свесно ги отфрла тие ограничувања и ја прегрнува слободата, леснотијата, искреноста и инстинктот како основа на нејзиниот израз. Во еден миг цртежот е наивен и детски, но природно и со невидена леснотија се надоврзува на композициите кои функционираат како посебни слики не само во контекст на детската илустрација, туку и како самостојни дела. Низ целата таа спонтаност јасно ја гледаме маестралната игра со белиот простор, моќта на сосем редуцираната палета и фантастична контрола на визуелната структура на делото.“ – вели Александра Хаџи Наумова Атанасовска, визулелна уметница, илустраторка и едукаторка.

„Што му е работата на илустраторот? – да ѝ даде визуелен идентитет на приказната: да ја потшиша и исфенира, да ѝ облече алишта и обувки, да ѝ ја одреди висината и длабочината, да ѝ даде боја,.. Но и да ги прикаже нештата кои раскажувачот случајно или намерно ги оставил ненапишани. Кога писателот ќе напише: „Си беше еднаш …“, илустраторот може да нацрта сè што ќе му текне: кактуси што живеат во балони со хелиум, кучиња со осумнаесет уши, дрвја повисоки од Монт Еверест, пингвини што летаат побргу од орли и така натаму – и никој нема да му се налути! Ама ич! Секако, никој нема да му се налути ако го нацрта и тоа што е напишано, а не само она што му се врти низ глава како бесен сателит околу матичната планета. Добриот илустратор знае дека не смее да ѝ пречи на приказната туку да ја охрабри да ги преплива сите мориња и, нели, да ги искачи сите планини. И обратно! Со други зборови, писателите и илустраторите треба да бидат многу добри другари.“ – Стои во една од рецензиите за делата на Иванка.

Поврзани вести