
И покрај високите температури, жителите на Крива Паланка денеска повторно ја покажаа својата хуманост, дарувајќи вкупно 104 единици крв на десеттата годинашна акција во организација на Црвен Крст, општинска организација Крива Паланка. Крводарителската акција се одржа во просториите на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, а се реализираше во соработка со Институтот за трансфузиона медицина Скопје.
Ова е десетта акција годинава од вкупно планираните 15, и е една од најуспешните, со собрани вкупно 104 единици крв, што уште еднаш ја покажа хуманоста на паланчани, кои, како и во претходните неколку акции, се одзваа масовно на повикот да даруваат драгоцена течност, а радува фактот што и денес имаме двоцифрен број нови дарители кои за првпат даруваа крв и се приклучија на најголемото хумано семејство во светот, изјави Маја Илиевска, секретар на ОО Црвен крст Крива Паланка.
Денешната акција е втора во 2026 реализирана во соработка со НУЦК Крива Паланка, а до крајот на 2026 година, согласно годишниот план за крводарување, ќе се одржат уште пет акции.
Илиевска ги повика сите хумани граѓани од државата да даруваат крв и на претстојната летна крводарителска акција што ќе се одржи во понеделник, 27 јули 2026, во Дом на АРМ, Скопје во периодот од 9 до 18 часот.
Ова лето некој чека на хуманоста на крводарителите. Ги повикуваме сите граѓани што се во можност, да донираат крв и да помогнат во спасување нечиј живот. На веб-страницата на Црвениот крст е достапен е линк за пријавување, а за акцијата се обезбедени и бесплатен превоз, како и оброк и освежување, додаде Илиевска.

Македонски


