
Советот на Општина Центар, на предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, го усвоил Предлог-правилникот за доделување еднократна финансиска помош за оштетените објекти на граѓани и правни лица по силното невреме што пред два дена го зафати Скопје.
Како што соопштија од општината, на седницата, градоначалникот Герасимовски истакнал дека личниот пример е најважен, и во акциите на терен и со носење конкретни мерки за поддршка на погодените жители.
Мој приоритет отсекогаш биле граѓаните. Никој нема да остане сам во справувањето со последиците. Покрај институционалната помош што ја обезбедува Општина Центар, предлагам и јас како градоначалник, како и сите советници, со личен пример да покажеме солидарност и да дадеме финансиска помош за погодените од невремето. Во вакви моменти треба да покажеме единство, одговорност и вистинска грижа за нашите сограѓани, истакнал Герасимовски.
Согласно усвоениот правилник, финансиските средства од општинскиот буџет ќе се доделуваат за санирање на оштетени кровни конструкции и фасади на индивидуални и колективни објекти за домување на територијата на Општина Центар.

Македонски


