Skip to main content

Во Мароко уапсена група осомничена за поттикнување нови масовни илегални преминувања кон Сеута

Мароканските власти уапсија група лица осомничени за поттикнување нови обиди за масовно илегално преминување во шпанските енклави Сеута и Мелиља, соопшти денеска мароканското Министерство за внатрешни работи.

Апсењата следуваат по неколкудневните анонимни објави и пораки на социјалните мрежи со кои се упатуваа повици за организирано, колективно преминување на границата закажано за 15 август. Од Министерството соопштија дека таквите активности се казниви според мароканските закони и потврдија дека се преземени сите мерки за спречување на илегалните преминувања, како и за пресретнување и правно процесирање на организаторите и учесниците.

Иако властите во Рабат не прецизираат за колку точно уапсени лица станува збор, потврдено е дека против приведените е отворена истрага под надзор на надлежното обвинителство.

Министерството ги повика граѓаните да не подлегнуваат на, како што ги нарече, „сомнителни и измамнички повици“, предупредувајќи дека обидите за илегално преминување на границата директно ги загрозуваат човечките животи. Во соопштението исто така се нагласува дека борбата против нерегуларната миграција и трговијата со луѓе бара заедничка одговорност и тесна соработка меѓу засегнатите држави.

Ова предупредување доаѓа по големиот миграциски притисок кон Сеута од крајот на јули. Според проценките на претседателот на регионот Сеута, Хуан Хесус Вивас, тогаш дури околу 80.000 луѓе се обиделе да влезат во шпанската енклава, додека Мароко ја процени таа бројка на околу 40.000 лица.(МИА)

Поврзани вести