
Министерот за правда Јетон Шасивари оствари средба со амбасадорот на Република Косово во земјава Флоријан Ќехаја, на која беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка и интензивирање на партнерството во областа на правдата и евроинтеграциите.
Како што соопшти Министерството за правда, на средбата било истакнато дека Македонија и Косово, како добри соседи и партнери, ја делат истата визија за стабилен регион заснован на владеење на правото, демократски вредности и полноправно членство во Европската Унија.

Во таа насока, била нагласена важноста од размена на искуства и добри практики кои ќе придонесат за поефикасно спроведување на реформските процеси.
Посебен акцент бил ставен на реформите во правосудниот систем, зајакнувањето на независноста на судството и процесот на дигитализација.
Министерот Шасивари истакнал дека функционално, независно и ефикасно правосудство е предуслов за враќање на довербата на граѓаните и за успешен напредок во европските интеграции.
Од Министерството за правда посочуваат дека заедничката определба за реформи, владеење на правото и европска интеграција претставува силен темел за уште поинтензивна соработка меѓу Македонија и Косово.

Македонски


