
Борбата против корупцијата мора да донесе конкретни резултати, одговорност за високата корупција и ефикасна конфискација на незаконски стекнатиот имот, порача министерот за правда, Јетон Шасивари, од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Будва, каде што учествуваше на панелот посветен на борбата против корупцијата.
Како што соопшти Министерството за правда, Шасивари нагласи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се основа за демократска стабилност и доверба во институциите. Особено внимание посвети на предметите од висока корупција, чиј исход претставува вистински тест за ефикасноста и независноста на правосудниот систем.
Особено внимание посветуваме на ефикасното постапување по предметите од висока корупција, како еден од клучните показатели за ефективноста на правосудниот систем и неговата способност да обезбеди одговорност без оглед на позицијата или влијанието на сторителите“, истакна Шасивари.
Во фокусот на неговото обраќање беа и законодавните реформи. Подготвени се нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка, со кои се предвидуваат построги санкции за коруптивните кривични дела и поефикасни механизми за конфискација на имотот и имотната корист.
Нашата цел е јасна – криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане во рацете на сторителите“, порача министерот.

Шасивари ги претстави и подготвените измени на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, новиот Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи, како и измените на Законот за лобирање. Со овие решенија се предвидува зајакнување на контролата на имотната состојба, спречување на судирот на интереси и поголема институционална одговорност.
Покрај законските измени, министерот се осврна и на конкретните активности за зајакнување на интегритетот во правосудството. Во соработка со ОБСЕ, претседателите на основните судови од апелационите подрачја Штип, Гостивар, Битола и Скопје потпишаа политики за интегритет. Дополнително, се унапредуваат механизмите за дисциплинска одговорност и професионално постапување, додека шестиот евалуациски круг на ГРЕКО претставува дополнителна можност за проценка и подобрување на антикорупциските механизми.
Говорејќи за меѓународната соработка, Шасивари нагласи дека корупцијата не познава граници и дека нејзиното сузбивање бара заедничко дејствување, размена на информации и поефикасна соработка со европските институции, вклучително и со ЕВРОПРАВДА.

Министерот ја поздрави новата антикорупциска стратегија на Европската унија и ја истакна важноста на поддршката од Европската комисија за спроведувањето на реформите.
За нас е особено важно реформите да донесат видливи и конкретни придобивки, како за институциите, така и за граѓаните“, нагласи Шасивари, стои во соопштението.
Фото: Министерство за правда

Македонски




