Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

Зошто летаа само македонски покриви?

Демократската унија за интеграција уште еднаш го повика градоначалникот на Град Скопје веднаш да го отстрани незаконскиот билборд за добредојде и да го замени со билборд што, како што велат, целосно ги почитува законските обврски за употреба на албанскиот јазик. Ова е соопштение од албанската партија изададено на 23 јули, седум дена откако официјално се откриени дивите пумпи во Гостивар кои носеле гомна во гостиварскиот водовод. Седум дена откако ниеден лидер на албанска партија не е појавен во градот. Како да не ги направиме личности на неделата?

Албански „лидери“

Гостиварци уште немаат вода за пиење. Не смеат ни рацете да си ги измијат со водата што им излегува од чешмите. Не можат ни шпагети да си сварат. Водата, основно човеково право, во 2026 година им е ускратено на најподол можен начин. Намерно и со саботажа.

Арно ама, за Бујар Османи и за ДУИ најбитна работа е тоа што знакот за добредојде на влезот во Скопје е напишан на македонски и на англиски јазик. Ни Букефал со петте нозе не им сметаше, ниту, пак, што на тој несреќен принт имаше работи што не се од Скопје. Битен е јазикот.

Само, не ми е јасно досега како не им сметаше стариот знак кога влегуваа во градот. Знаете, она просто „Добредојдовте во Скопје – Welcome to Skopje“ кое веќе 20 години беше на надвозникот.

Во вторникот оркански ветер со брзина од 130 км/час го опустоши Скопје. Дрво не остана, покрив уште помалку. Универзумот, Господ, Алах, Кришна ли е, што немаше загинат човек. Петок е, а уште две огромни ламарини висат на дрво на „Партизанска“. Којзнае колку ќе треба време да се среди. Па, да прашаме: Само македонски покриви ли летаа? Зошто и за тоа не чувме глас од лидериве.

Знакот да се смени! Инспекторатот за употреба на јазиците да работи!

Абе како не ви е срам? И зошто ве трпат?

Може затоа што според коментарите што ги гледаме по социјалните мрежи, за граѓаните со албанска националност, ова со водата било местенка од власта. За да се покажеле способни и да ја направат неспособна локална власт. Ако беше така, не мислите ли дека досега ќе имаше чиста вода? Спремено херојско сценарио, за два дена решена работа? Не, вода ќе има дури следната недела, „најверојатно“!

И ете, нека е така, нека е од власта. Тогаш што не излеговте на протест? Во 2022 година Швајцарија дала донација од 7 милиони евра за два големи резервоара за решавање на проблемот со водоснабдувањето. Ни резервоарите ги има, ни парите. Тогаш, зошто Гостивар во моментов не гори? Или револтот ви е резервиран за други работи? Може ако Артана се викаше Билјана ќе бевте погласни. Или ако знакот G<3STIVAR покрај реката беше пишан на кирилица.

И ние Македонците сме за тепање, знаеме. Ама, некако повеќе очекувавме од вас.

Подготви: М.М.

Поврзани вести