Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

Човекот што изгоре БДП на Македонија за пуста љубов

NVIDIA

Личноста на неделава овојпат е тука за да ни помогне да се чувствуваме подобро за себеси и за иднината. Да, сиромашни сме, валкано ни е, со лошо здравство, образование, загадено, корумпирано… Ама, па барем не сме изгубиле милијарди од заљубеност. Ако не знаете за што станува збор и кој е тој, запознајте го:

Џенсен Хуанг

Џенсен Хуанг е американски претприемач и електроинженер со тајванско потекло.

Во април 1993 година, на 30-годишна возраст, заедно со инженерите Крис Малаховски и Кертис Прием ја основа NVIDIA – технолошки гигант кој првично го револуционизираше гејмингот со своите графички процесори (GPU), а денес е главен двигател на глобалната револуција на вештачката интелигенција (ВИ) чии чипови ги напојуваат најмоќните дата-центри и модели во светот.

Хуанг беше избран за претседател, извршен директор (CEO) и член на Управниот одбор. Секогаш облечен во црна кожена јакна, тој ја претвори компанијата од стартап за видеоигри во една од највредните компании во светот. Ја водеше точно 33 години…сè до вчера.

Сè почна кон крајот на октомври, кога јавноста дозна за вонбрачната врска на Хуанг со Алис Хуанг (со која, ќути, не е во роднинска врска), кинеска државјанка и поранешна директорка во сингапурската компанија Megaspeed.

Но, тоа што Џенсен ја изневерувал сопругата воопшто и не е вистинскиот скандал! Налет што е швалерка, Алис да ти била и шпионка!

Имено, американските разузнавачки служби се сомневаат дека таа била регрутирана од кинеското Министерство за државна безбедност со цел да собира доверливи информации и да влијае врз одлуките на NVIDIA. Работата уште повеќе има смисла, ако се знае дека Megaspeed веќе беше под федерална истрага поради сомнежи дека преку неа напредни чипови на NVIDIA, вредни милијарди долари, илегално завршувале во Кина и покрај строгите американски санкции.

Како што расти притисокот, на 8 ноември Хуанг во интерна порака до вработените признава дека ѝ бил неверен на својата сопруга Лори.

Ама, „Њујорк тајмс“ и „Ројтерс“ му вадат и две други афери, две тајни врски со вработени во самата компанија, вклучувајќи ја и потпретседателката за здравство, Кимберли Пауел, која директно му одговарала нему.

Соочен со независна истрага од Управниот одбор, закани за нарушување на националната безбедност и голем репутациски удар, Хуанг вчера решава да се повлече.

Тоа доведува до невиден земјотрес на берзата. Пазарната вредност на NVIDIA за само еден месец се топи за повеќе од 1 трилион долари. Само оваа недела компанијата изгуби околу 500 милијарди долари, паѓајќи од над 5 трилиони на околу 4 трилиони долари.

Хуанг, пак, кој поседува околу 3,5 проценти од акциите на гигантот само вчера изгуби 8,2 милијарди долари, со што неговото лично богатство се намали за вкупно 19,2 милијарди долари – за само четири дена!

Со други зборови, за само четири дена Хуанг изгуби над 90 проценти од целиот годишен БДП на Македонија, додека пазарната вредност на NVIDIA за една недела изгуби околу 25 македонски економии.

Налет парите, Хуанг го очекуваат и тешки сослушувања пред американскиот Конгрес и колективни тужби од гневните акционери. Тек, па, што го чека од Лори…

Жал ни е брате Џенсене, ама дали од сонцето, дали од овие вести денес, некако поокеј се чувствуваме за нас…

Подготви: М.М.

Поврзани вести