Skip to main content

Ристовски: Секој реконструиран базен, секоја спортска сала и секое игралиште значат повеќе можности Македонија повторно да создава врвни спортисти

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на целосно реконструираниот  Градски базен во Кавадарци, капитален проект вреден речиси 49 милиони денари, со кој градот добива современ спортско-рекреативен центар наменет за сите генерации.

Од вкупната инвестиција, 30.141.432 денари се обезбедени преку Министерството за спорт, од средствата на Владата на Република Македонија преку вториот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти, додека останатите средства ги обезбеди Општина Кавадарци.

-Ние не градиме споменици, туку места каде што ќе растат идните шампиони. Секој реконструиран базен, секоја спортска сала и секое игралиште значат повеќе можности за децата, повеќе здравје за граѓаните и повеќе шанси Македонија повторно да создава врвни спортисти. Нашата цел е јасна – спортската инфраструктура повеќе никогаш да не биде оставена да пропаѓа, туку да стане двигател на развојот во секоја општина – истакна министерот Ристовски.

Тој нагласи дека Министерството за спорт паралелно работи на завршување на повеќе капитални проекти низ државата.

Во рамки на реконструкцијата е обновен целиот базенски комплекс, поставен е нов систем за филтрација и пречистување на водата, реконструирани се големиот и малиот базен, изградени се водни атракции и тобогани, детски водни реквизити, современо детско игралиште, целосно се обновени соблекувалните, тушевите, санитарните јазли, лекарската просторија, пристапните патеки и останатите придружни содржини.

Во Кавадарци е во завршна фаза и изградбата на новиот затворен базен, проект чија реализација Министерството ја доведе до финална фаза по повеќегодишен застој. На ист начин беа завршени и базените во Карпош, во Кисела Вода и во Штип, продолжува изградбата во Струмица, Кичево и Ѓорче Петров, додека технички е завршен и базенот во Битола.

Со ова Министерството за спорт продолжува со реализација на стратешката определба за модернизација и развој на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел секоја општина да добие современи услови за спорт, рекреација и развој на младите.

Поврзани вести