
Стоечки овации, долготрајни аплаузи и публика која не престануваше да ја поздравува екипата – тоа е најубавата слика од гостувањето на Битолскиот театар во Верона.
Меѓународната изведба на „Кориолан“, во режија на Џон Блондел, на Verona Shakespeare Fringe Festival, беше пречекана со исклучителен интерес и воодушевување од публиката. Енергијата што се чувствуваше во салата за време на претставата, а особено по нејзиното завршување, покажа дека театарот навистина нема граници и дека силната приказна допира до секој, без оглед на јазикот и земјата од која доаѓа.
Во Верона се случува и 12. Светски Шекспир конгрес, кој ја одбележува 50 годишнината на Интернационалната Шекспир асоцијација, а покрај тоа на повеќе сцени низ градот се одржува и музичка програма. Со ова градот од 20. до 26.07 прераснува во глобална театарска сцена која пречека илјадници уметници, истражувачи, од целиот свет. Фестивалот е организиран од Центарот Skenè на Универзитетот во Верона. Основачи на оваа платформа се: Џон Блондел кој е уметнички директор на фестивалот, Силвија Биљаци, Сидија Фјорато, Џон Блондел и Дејвид Скалквик. Фестивалот ги спојува делата на истражувачите и уметниците кои ги уриваат граници помеѓу сценската уметност и науката; овозможува нови начини на изведба, рецепција и пренесување; и создава можности публиката да доживее разновиден спектар на имагинативни одговори на делата на Шекспир. Фестивалот се реализира во соработка со Conservatorio di Verona и Teatro Scientifico – Teatro Laboratorio.
„Искрено им благодариме на организаторите на фестивалот за беспрекорното гостопримство, професионалната организација и честа да бидеме дел од ова значајно меѓународно театарско случување“, истакнуваат од НТБ.
Најголемата благодарност, сепак, им припаѓа на актерската, авторската и техничката екипа на НУ Народен театар Битола, која со својата посветеност, дисциплина и талент создаде претстава што достојно ја претстави македонската театарска уметност пред меѓународната публика.
Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска.
На овој престижен меѓународен фестивал, Народниот театар Битола гостуваше после премиерата на 66.Охридско лето и ја позиционираше и потврди македонската театарска сцена високо на глобалната театарска мапа. На фестивалот учествуваат театри од Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија и Унгарија. Во прилог го споделуваме видеото од поклонот и долготрајните аплаузи – момент кој засекогаш ќе остане запаметен како едно од најсилните сведоштва за успехот на ова гостување.
„Благодариме, Верона! Ова беше вечер што ќе ја паметиме долго“, додаваат од Битолскиот театар.

Македонски


