
Во вторник, 21-ви јули, во 20. 30 часот на плажата “Сараиште”, во Охрид, во склоп на претпрограмата за отварање на осмото издание на БФФ, (Beach Film Festival ), ќе се одржи проекција на новиот филм во продукција на ПирејФилм, “Железна тврдина”, во режија на Митко Панов.
Aктерската екипа е составена од штитениците на Центарот за Рехабилитација на Психијатриската Болница во Демир-Хисар, и гости меѓу кои: Paul Gordon, Синоличка Трпкова, Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Благоја Грујовски, Мишел Трајковски, Атиџе Муратова и Боби Додевски-Шлукс.
Железна тврдина – филмска работилница, го користи формалниот пристап својствен на документарниот но и играниот филм, и како таков го претставува новиот, хибриден, филмски израз. Базиран на вистински случки, филмот воплотува елементи на фикција и фантазија. “Она што започнува како набљудувачки запис од секојдневниот живот и креативни вежби, полека се трансформира во конструиран филмски свет обликуван од самите учесници. Просторот на болницата станува истовремено реална средина и сцена за фиктивни ситуации, каде што личните приказни, фантазиите и креираните идентитети почнуваат да се преклопуваат. “ ”Железнта тврдина се појавува како слоевит, духовит хибрид во кој реалноста и фикцијата, разумот и лудилото, свесното и несвесното се испреплетуваат, потсетувајќи нè дека ‘видено oдблиску, ништо не е ’нормално’.”
Проекцијата ќе се одржи во присуство на авторите. Влезот е СЛОБОДЕН.
Во програмата која следи ќе биде прикажан и Самоуништување, на продуцентот-актер Јовица Михајловски, познат како прв Македонски независен филм, 1996.

Македонски


