Skip to main content

Со проекција на „Железна тврдина“ во кој учествуваат штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар ќе се најави Beach Film Festival во Охрид

Филмот „Железна тврдина“ во кој учествуваат штитеници од Центарот за рехабилитација на Психијатриската болница во Демир Хисар ќе биде прикажан во вторник во Охрид, во рамки на претпрограмата на Beach Film Festival.

Филмот е во продукција на „ПирејФилм“, а актерската екипа ја сочинуваат штитеници на Центарот за рехабилитација на Психијатриската болница во Демир Хисар, заедно со гостински актери меѓу кои Пол Гордон, Синоличка Трпкова, Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Благоја Грујовски, Мишел Трајковски, Атиџе Муратова и Боби Додевски-Шлукс.

„Железна тврдина“ е филмска работилница што комбинира елементи на документарен и игран филм. Проектот е базиран на вистински случки и вклучува фиктивни и фантазиски сегменти. Според информациите од организаторите, филмот го следи процесот во кој секојдневниот живот и креативните активности на учесниците постепено се претвораат во конструиран филмски свет обликуван од самите нив.

Проекцијата ќе се одржи во присуство на авторскиот тим, а влезот е слободен.

Во продолжение на програмата е предвидена и проекција на филмот „Самоуништување“ на продуцентот и актер Јовица Михајловски, кој се смета за прв македонски независен филм од 1996 година.

Поврзани вести