
Со пригодна свеченост денеска беше официјализирано збратимувањето на Делчево со општините Новело, Монфорте д’Алба и Родино од Република Италија. Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски и градоначалникот на Општина Новело, Марко Поларо ставија потпис на Меморандумот со кој се унапредуваат пријателските односи, се зајакнува меѓусебната доверба и се развива соработката во духот на европските вредности и се гради трајна форма на партнерство.
Меморандумот за соработка ги содржи основните постулати на кои ќе се заснова соработката, целите и областите на збратимување, како и механизмите за спроведување на партнерството. Клучните области на соработка се културата, образованието, економијата и туризмот и животната средина. За реализација на договореното ќе се формира заеднички координативен комитет составен од претставници на двете општини, ќе се усвојува годишна програма за активности и проекти, како и редовна комуникација и официјални посети на делегации.
Инаку, на овој чин на збратимување му претходеа неколку административни постапки за официјализирање на иницијативата, донесени одлуки од страна на општинските совети, а потпишаниот Меморандум за соработка ќе биде испратен и до Министерството за надворешни работи.
Делчево во своето семејство на збратимени општини сега брои 11 градови: Симитли од Бугарија, Валени ди Мунте од Романија, Јагодина од Србија, Вишгород од Украина, Борнова од Турција, Жирардув од Полска, Фелцожолца од Унгарија, Горажде од Босна и Херцеговина и Новело, Монфорте д’ Алба и Родино од Италија. По завршување на административната постапка, Општината Рикалдоне ќе биде 12 збратимена општина на Делчево.

Македонски


