Skip to main content

Димитриевски од Охрид: На Македонија ѝ се потребни владеење на правото, ред и еднакви можности за сите

ЗНАМ

Граѓаните бараат систем на вредности, владеење на правото, еднаквост пред законите, како и ред и дисциплина во државата, порача денеска од Охрид лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.

Според него, воспоставувањето на таков систем е можно единствено преку одговорна и посветена работа на институциите.

„Граѓаните бараат систем на вредности, владеење на правото и еднаквост на сите пред законот, ред и дисциплина. И, секако, тој ред можеме да го поставиме“, изјави Димитриевски.

Изјавата ја даде во рамки на караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, кој партијата го реализира низ повеќе градови во државата.

Осврнувајќи се на работата на Владата, Димитриевски рече дека коалициските партнери пред две години ја презеле одговорноста во исклучително тешки околности, но дека денес, според него, веќе се гледаат резултати.

„Додека доаѓав во Охрид, видов дека интензивно се работи на инфраструктурата, што не беше случај во минатото. Отворени се бројни инфраструктурни проекти на општинско, регионално и државно ниво. Потврдата за реализацијата на капиталните расходи во Буџетот дополнително говори за тоа“, истакна тој.

Според лидерот на ЗНАМ, развојот на државата може да се обезбеди преку посветена работа, користење на домашните ресурси и поддршка од меѓународните партнери.

„Само со работа, со сопствените ресурси и со помошта што доаѓа однадвор можеме да обезбедиме еднакви можности за сите граѓани“, рече Димитриевски.

Тој нагласи дека средбите со граѓаните во рамки на караванот се можност директно да се разговара за правецот во кој се движи државата, за улогата на ЗНАМ во владејачката коалиција, но и да се слушнат критиките и предлозите од граѓаните.

„Секогаш може да се постигнат подобри резултати и затоа е важно да ги слушаме граѓаните“, порача тој.

Говорејќи за учеството на ЗНАМ во Владата, Димитриевски потсети дека со реконструкцијата на Владата партијата го презела раководењето со ресорот земјоделство, кој го оцени како една од најважните стопански гранки во државата.

Тој истакна дека уште пред изборите една од главните цели на ЗНАМ била создавање самоодржлива Македонија и оцени дека токму преку земјоделството може да се даде значаен придонес за остварување на таа цел.

„Нашата цел пред изборите беше да работиме за самоодржливост и самоодржлива Македонија и сметаме дека токму во овој ресор можеме да дадеме голем придонес“, рече Димитриевски.

Образложувајќи ја промената на ресорот, тој посочи дека целта била поголем фокус на економскиот развој и директна поддршка на земјоделците.

„Излеговме од едно бирократско министерство, како што е Министерството за правда, каде што работата повеќе се гледа на хартија, и влеговме во министерство со многу поголема одговорност. На негово чело е личност која доаѓа од земјоделско семејство и чија задача е да ги унапреди можностите на земјоделците во државата“, изјави лидерот на ЗНАМ.

Димитриевски додаде дека крајната цел е Македонија целосно да ги искористи сопствените потенцијали и да продолжи достоинствено по европскиот пат, обезбедувајќи подобар животен стандард за граѓаните.

Тој оцени дека конечната оценка за работата на Владата и нејзините коалициски партнери ќе ја дадат граѓаните на следните парламентарни избори, без разлика дали тие ќе бидат редовни или предвремени.

Поврзани вести