Skip to main content

Димитриевски се испишмани за излегување: ЗНАМ е составен дел на Владата и мнозинството

ЗНАМ е составен дел на Владата и мнозинството во Собранието и така ќе биде додека не се нарушат елементарните принципи на договорот којшто го имаме постигнато со нашиот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ, изјави лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски. Во однос на Законот за правосуден испит Димитриевски верува дека ќе дојде до владина лидерска средба во декември, бидејќи тоа веќе го побарал од премиерот.

Досегашната соработката со премиерот, Димитриевски, во гостувањето на „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, ја оцени како одлична и на задоволително ниво.

– Во делот на усогласување на заедничките политики секогаш постоело разбирање и верувам дека ќе го има и она што е најбитно за нас, а тоа е да се имплементира владината програма и да се подобруваат животните услови на граѓаните – изјави Димитриевски.

Во однос на Законот за правосуден испит, кој е испратен на мислење во Венециската комисија, Димитриевски рече дека ЗНАМ, без разлика дали е во позиција на власт или опозиција, за едно такво решение, доколку дојде во Собранието, ќе се произнесе негативно.

– Јас бев информиран од премиерот за чекорите кои тој планира да ги преземе и тие се веќе преземени, без разлика што ЗНАМ се воздржа или не даде поддршка на едно такво решение, на седница на Владата – изјави Димитриевски. 

Тој повтори дека решението на министерот Шасивари е хибридно решение и дека ЗНАМ го кажале својот став за тоа.

– Не се убедувавме со премиерот, туку ме информираше за плановите. Постапките имаат легитимно право да течат, инаку се прогласи, да кажам, еден триумфализам од страна на моноетничките политички субјекти, првенствено на партнерот во Владата – ВЛЕН, којшто не е основан, бидејќи Владата разгледа информација, донесе неколку заклучоци и испрати предлог-решение на Венециска комисија и побара мислење. Ќе го дадат своето мислење и откако ќе се произнесат ќе ги видиме сите аргументи и факти – појасни Димитриевски.

Мислењето на Венециската комисија, Димитриевски рече, дека не очекува да биде позитивно, но и дека тоа не е обврзувачко за нас.

– Сепак ние сами бараме мислење и ќе добиеме соодветно толкување. Ако ги земете ставовите на Венециската комисија од 2019 година, каде што изречно е нотирано дека употребата на друг јазик освен на македонскиот јазик дополнително го усложнува процесот и правосудството и постапките коишто се водат пред надлежните судови. Сметам дека со едно вакво законско решение, ние во Македонија, како што ги делиме работите на наши и ваши ќе дојдеме до состојба да создадеме судови и судии коишто ќе судат на македонски или на албански јазик. Судење во Македонија е на македонски јазик. Судење на албански јазик е во Албанија и во Косово каде што албанскиот е службен јазик. Судењето во Србија е на српски јазик и земете или дајте еден пример во Европа каде што има парламентарна република каде што имате полагање стручен испит на друг јазик освен на официјалниот јазик – изјави Димитриевски.

Во однос на најавата дека ќе излезат од владината коалиција како црвена линија на ЗНАМ по ова прашање, Димитриевски појасни дека се водат врз база на функционалност на државата и владеење на правото.

– Компромис постои во политиката, но во владеење на правото и неговото практикување нема компромис. Тука се пишани правни норми коишто мора да се почитуваат. Во овој момент и согласно Уставот и согласно важечкиот закон таква можност не постои – изјави Димитриевски.

За оваа тема, според Димитриевски, треба првенствено да се отвори широка јавна дебата со претставници од академската фела. 

– Доколку не биде испочитувано, како владин партнер ќе го размислиме нашето практикување на власт. Тоа значи дека верувам дека ќе дојде до лидерска средба во декември. Бидејќи, тоа го побарав од премиерот. Ние до ден-денес сè уште немаме седнато на една иста маса со владините партнери, освен онаа општа лидерска средба за сите, каде јас не присуствував, и да го отвориме ова прашање, да го разговараме. Јас не сакам да бидам информиран, сакам да бидам консултиран. Сакам да бидам составен дел, и јас и ЗНАМ, на решението – изјави Димитриевски.

Поврзани вести