Skip to main content

„Дон Кихот во Скопје” на Дино и Дијана Имери со премиера во Барселона

„Дон Кихот во Скопје” музичката партитура со авторски потпис на Дино Имери и Дијана Имери Илковска на 27 ноември 2026 година ќе добие своја шпанска премиера во Барселона. Брачниот пар, едниот пијанист, другиот диригент заедно со Каталонскиот Камерен Оркестар, музички ќе ја раскажат приказната за Дон Кихот кој доаѓа во Скопје да се соочи со трите ветерници – Неправдата, Рамнодушноста и Лицемерието раскажана преку музиката на Дино и Дијана Имери.

Ова дело беше создадено во 2025 година во чест на Националниот ден на Шпанија, во соработка со Шпанската Амбасада во Скопје и НЕ г-дин Рафаел Сориано Ортиз кои срдечно го поддржаа создавањето и реализацијата на мултимедијалното дело. По премиерата доби дополнителни изведби во Битола, како и во градот на светлината – Париз!

Особено сме среќни што ова дело кое го создававме во период на тешки професионални и лични неправди и предизвици, прераснува во дело кое ја промовира современата македонска музичка и литературна мисла на сцените во светот. Посебно интересно ќе биде да се слушне прекрасниот текст од Тина Иванова специјално напишан за нашата музика, за прв пат преведен на каталонски јазик.” – велат композиторите.

По моето деби како диригентка на Камерниот Окестар Приштина- Косово во септември, потоа како композиторка чие дело го изведе Вурт Филхармонијата во Кунзелсау – Германија во октомври, на моја огромна чест, ноември носи двојно задоволство со гостување во Барселона – Шпанија во улога на диригентка и композиторка. На покана од Каталонскиот Камерен Оркестар заедно со Дино Имери ќе го изведеме нашето заедничко дело “Дон Кихот во Скопје”. Дека надежта е “единственото оружје кое не ʼрѓосува” нѝ покажаа бројните овации и позитивни реакции на ова дело чии корени се длабоко под земјата, а чии гранки секојдневно растат кон небото. Овој пат, Дон Кихот и својот верен помошник Санчо одлучија да се вратат во својата земја Шпанија, а нам нѝ преостанува да ги следиме секаде каде што “никнува жито со сончеви мечти”. Благодарност до Маестро Жоан Памиес, Orquestra de Cambra Catalana, НЕ Rafael Soriano Ortiz, како и Министерство за култура / Ministria e Kulturës за поддршката во реализација на овој настан, потенцира Имери-Илковска.

Поврзани вести