Skip to main content

Вечерва концерт на пијанистите Данијел Гашпаровиќ и Дино Имери во Салон 19:19

Вечерва со почеток во 20 часот во Салон 19:19 (Културно информативен центар – Скопје), скопската публика ќе има можност да присуствува на концерт во кој силите ги обединуваат Данијел Гашпаровиќ (Хрватска) и Дино Имери – двајца исклучителни пијанисти со меѓународно реноме. Уметниците ќе презентираат програма од Л. ван Бетовен, Б. Папандопуло, Д. Имери, М. Мошковски и М. Равел настапувајќи како четири-рачно дуо на едно пијано.

Дино Имери

Овој настап во Скопје за Имери претставува враќање дома по исклучителните неодамнешни меѓународни успеси во Косово каде настапи со Оркестар Приштина и Маестра Дијана И. Илкоска каде изведоа дела од Моцарт, Веберн и Стравински на фантастичен прием од тамошната публика и критика, како и настапот во Германија со Вурт Филхармоникер – симфониски оркестар со светско реноме, заедно со нивниот шеф-диригент Маестро Клаудио Вандели каде во рамки на концертот “Традиција и Модерна” изведоа дури четири македонски дела од композиторите Дамир Имери, Дијана И. Илкоска и Глигор Смокварски, покрај делата на Равел. По стоечките овации, германската критика објави дека просведочила на “Вистински македонски чуда за ушите” (Андреас Дене од водечкиот регионален весник Хајлбронер Штиме), а од посебен значај е што овој оркестар ја изведе и светската премиера на делото “Рана” од Дијана И. Илкоска.

Данијел Гашпаровиќ

Нашиот “волшебник на пијаното” (ОПС Магазин, Франција) вечерва, пак, ќе ја оствари првата соработка со пијанистот Данијел Гашпаровиќ кој како солист и камерен музичар настапувал ширум цела Европа, а добитник е на бројни меѓународни награди и членувал во бројни престижни стручни комисии на меѓународни пијанистички натпревари. Гашпаровиќ е воедно извршен и уметнички директор на менаџерската куќа CristoforiumArt, а за време на својот престој во Скопје, во рамки на циклусот отворени предавања на Факултетот за музичка уметност, тој одржа бесплатно предавање на тема од огромен интерес за студентите и професионалните музичари: “Кариерен развој: музиката низ призмата на менаџерските куќи и организатори”. Со предавањето и вечерашниот концерт се заокружува уште едно успешно поглавје на полето на културната соработка и размена на идеи и искуства помеѓу Р. Хрватска и Македонија, а концертот е поддржан од страна на Министерството за култура и туризам на РСМ.

Влезот на концертот е слободен, а повеќе информации за резервација на седишта публиката може да добие на официјалните страници на социјалните мрежи на пијанистот Дино Имери.

Поврзани вести