Skip to main content

„Од канон до индивидуален израз: Зографството и профаното сликарство во Македонија (19–20 век)“ во Чифте амам

На 28 јули во 20 часот во Чифте амам во Скопје ќе биде отворена изложбата „Од канон до индивидуален израз: Зографството и профаното сликарство во Македонија (19–20 век)“.

Изложбата го следи развојот на македонското сликарство во периодот на длабоки општествени, културни и естетски промени. Преку внимателно селектирани дела од богатата колекција на Националната галерија, посетителите ќе имаат можност да проследат трансформација од традиционалното црковно сликарство кон профаното, граѓанско сликарство – процес што претставува една од клучните пресвртници во историјата на македонската ликовна уметност.

На изложбата ќе бидат презентирани досега неизложени, како и ретко изложувани икони и слики, создадени во периодот од средината на XIX до средината на XX век. Поставката вклучува дела од истакнати автори како Дичо Зограф, Никола Михаилов, Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Коста Шкодреану и Михајло Шојлев, но и непознати зографи, чие творештво ја отсликува постепената промена на уметничките принципи, тематиката и визуелниот јазик во македонската средина. Во текот на XIX век, зографите, иако верни на канонските правила на православното иконописно сликарство, сè почесто внесуваат елементи на индивидуален израз, поголема пластичност на формите, реалистичен пристап кон човечката фигура и интерес за просторот и природата. Под влијание на европските академски текови, овие промени постепено го отвораат патот кон појавата на профаното сликарство, во кое религиозните теми се заменуваат со портрети, историски композиции, пејзажи и сцени од секојдневниот живот.

Изложбата има за цел да покаже дека токму овие автори претставуваат важна врска меѓу вековната иконописна традиција и современите уметнички текови што ќе се развијат во првата половина на 20 век. Без нивниот придонес, нивната уметничка љубопитност и постепеното прифаќање на новите европски влијанија, развојот на модерната македонска уметност би бил незамислив. Особено значење има фактот што овие творци работеле во исклучително сложени историски околности – во време на политички превирања, национални и културни пропаганди, воени конфликти и општествени промени.

И покрај сите предизвици, тие успеале да создадат дела со високи уметнички вредности и да постават цврсти темели врз кои подоцна ќе се развива современата македонска ликовна сцена. Преку оваа презентација, пошироката јавност ќе има можност да се запознае со едно исклучително значајно културно наследство и со делата што сведочат за создавањето на македонскиот ликовен идентитет, како потсетник на континуитетот на уметничкото творештво во Македонија и на неговата способност да ги следи европските културни текови, притоа зачувувајќи ја сопствената автентичност.

Поврзани вести