Skip to main content

Изложба „Мал формат/МиниАртура“ на ДЛУМ во КИЦ

Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) вечерва во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе ја отвори изложбата „Мал формат / МиниАртура“, на која ќе бидат претставени повеќе од 100 дела од домашни автори.

Како што соопштуваат организаторите, во рамки на поставката „Мал формат“ ќе бидат изложени 64 дела од 37 автори, додека во „МиниАртура“ ќе бидат претставени 47 дела од 27 автори.

Изложбата „Мал формат“ е посветена на уметнички дела со мали димензии, кои преку концентриран визуелен израз отвораат простор за различни интерпретации, авторски пристапи и ликовни поетики.

Паралелно ќе биде претставена и изложбата „МиниАртура“, чиј фокус е ставен на минијатурниот формат како простор за истражување на деталот, прецизноста и визуелната концентрација.

Според организаторите, двете изложби имаат цел да ја афирмираат разновидноста на современото македонско ликовно творештво и да покажат дека ограничениот формат не претставува ограничување за уметничката идеја и израз.

Поврзани вести