Skip to main content

Основци и средношколци од Скопје може да научат да моделираат 3Д предмети од рециклирана пластика

Отворен е повик за пријавување на ЕКО ЛАБ работилница за 3D печатење со рециклирање на пластика
Под покровителство на град Скопје, а во реализација на здружението Планет-М во соработка со ПАКОМАК, започнува нов циклус на ЕКО ЛАБ Скопје, работилница наменета за младите од основните и средните училишта.

Идејата за Еко Лаб Скопје е произлезена од фактот што во нашата земја годишно се пуштаат во оптек 120-150 милиони пластични кеси и над 120.000 тони пластика за пакување, а се собира само 12.000 тони пластичен отпад. Клучното прашање е каде оди останатиот пластичен отпад?

Целта на работилницата е преку лабораториски пример да се покаже процесот на рециклирање на пластиката за да се зголеми свеста, самоиницијативата и иновативноста на младите за зачувување на животната средина и развој на нивната креативност со најновите технологии.

Во работилницата ќе се користи пластика од шишињата за вода и сокови со ознака PET која е безбедна и не испушта хемикалии. Рециклираната пластика ќе биде користена за печатење на нови предмети со 3Д печатач осмислени од младите на работилницата.

Пријавувањето е бесплатно за сите учесници, но бројот на учесници е ограничен. Приоритетот на учесници ќе биде според редоследот на пријавување.

Работилницата содржи онлајн сегмент на кој учесниците ќе научат да моделираат нови 3Д предмети, а практичниот сегмент ќе се одржува во просториите на Планет-М/Џифони Македонија со истовремено присуство од најмногу 10 учесници во една група.

Младите учесници на возраст од 12-18 години може да се пријават на линкот https://tinyurl.com/EkoLab
Замислете пластичното шише што туку сте го испразниле… да се претвори во нова фигура од вашата омилена игра или во дизајн што самите сте го осмислиле. Звучи неверојатно, зарем не? Токму тоа претставува оваа работилница! Менторот Александар Колов е софтверски инженер, веб-дизајнер и иноватор, кој има креирано прототипови за електричен скејтборд, електрични ролери, како и електричен тротинет. Заедно со него учесниците може да станат нови истражувачи и пронаоѓачи – преку практична работа ќе научат како едно обично ПЕТ-шише се претвора во филамент за 3D печатење. Преку 3D моделирање, че може да дизајнираат нешто свое, произлезено младешката имагинација осознавајќи како дигитално да ја „изградат“ својата идеја за таа да стане реален предмет. Со помош на 3D печатач дизајнот ќе се претвори во вистински, опиплив предмет, изработен од пластика која во спротивно би завршила како отпад.

Пријавете се на линкот: https://tinyurl.com/EkoLab