
Нова анализа на податоците, искористени за создавање на првата слика од црна дупка во 2019 година, доведе до истиот резултат – карактеристичниот облик на сјаен прстен.
Во 2019 година, соработката наречена „Телескоп на хоризонтот на настани“ (Event Horizon Telescope – ЕХТ) го воодушеви светот со објавувањето на првата слика од една црна дупка. Сепак, некои научници останаа скептични, тврдејќи дека кружниот облик видлив на сликата можеби е артефакт, односно последица на техниките што тимот ги користел за нејзина реконструкција. Физичарите сега применија алгоритам за комбинирање на телескопските мерења на црната дупка, користејќи метод што се разликува од оној во првичната анализа, пренесува „РТС“.
Независна група истражувачи повторно ги анализираше податоците од „ЕХТ“. Нивните наоди – објавени на 11 ноември во списанието „Нејчр“ (Nature) и придружени со нови визуелизации и претстави на црната дупка, во голема мера ги потврдуваат првичните откритија.
За да се добие слика од црна дупка, проектот „ЕХТ“ комбинира податоци собрани истовремено од мрежа на радио-телескопи лоцирани на неколку континенти. Реконструкцијата на сликата е исклучително сложен процес; сепак, теоретски, добиената слика би требало да поседува исто ниво на детали – или резолуција како да била снимена со еден единствен радио-телескоп со дијаметар еднаков на дијаметарот на Земјата.
Иако не е совршено остра, сликата од супермасивната црна дупка во центарот на галаксијата M-87 се совпаѓа со астрофизичките модели засновани на Општата теорија за релативноста на Алберт Ајнштајн – токму онаа теорија што прва го предвиде постоењето на црните дупки. Сликата прикажува сјаен прстен со приближно ист радиус, што е во согласност со тогашните сознанија за големината на црната дупка, додека во центарот се наоѓа потемен диск.

Македонски



