Skip to main content

Словенци ќе го судат финалето на СП

 Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) објави денеска дека Словенецот Славко Винчиќ ќе биде главен судија на финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина.

Неделното финале ќе биде четврти натпревар на овогодишното Светско првенство за словенечкиот арбитер кој ги судеше дуелите од групната фаза меѓу Бразил и Мароко (1-1) и Јордан – Алжир (1-2), а беше главен судија и во шеснаесетфиналето меѓу Мексико и Еквадор (2-0).

Четириесетишестгодишниот Винчиќ дебитираше на мундијалските турнири во Катар во 2022 година, кога судеше два натпревари.

Винчиќ, кој е судија со знакот на ФИФА од 2010 година, го судеше и финалето во Лигата на шампиони меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд на лондонски „Вембли“ во 2024 година.

Негови помошници на мундијалското финале кое ќе се игра в недела со почеток во 21 часот ќе му бидат сонародниците Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ, а за четврти судија е назначен Јорданецот Адам Махадмех