
Во една недела пропаднаа два случаи на некогашното Специјално јавно обвинителство, формирано во 2015 година „за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, како што официјално се викаше или по наше – што ги гонеше сите од „бомбите“ обелоденети од СДСМ. Па, затоа, 11 години подоцна, личност на неделата ни е:
Она на „Т“
Отсекогаш ме нервирал оксиморонот „кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“. Тоа е исто како „легализација на дивоградба“. Значи ќе простиме незаконско прислушкување, само затоа што некому му е интересно да го замајува народот со рекла-казала муабети. Затоа што на крајот на денот тоа и остана од фамозното СЈО, од „трите“, од маичките…
Денес и повеќе од јасно е дека тоа беше институција фомрирана само за да му се помогне на Зоран Заев да стане премиер и да смени име и да потпише работи што само будала како него би потпишала. На крај, ни тоа не му помогна, зошто тој изгуби на тие фамозни избори во 2016-та. Па, мораше да се убедат (читај „подмачкаат“) ДУИ за да може да формира килава влада.
Затоа што гледано денеска, не се само Талир 2 и Тотал, овонеделните случаи што пропаднаа. Сите се. Сите оние со име на „Т“, што толку драматично ги најавуваше онаа со недоветната насмевка, со просек 6ка, што како и Заев, ја бараа зошто само таква како неа можеше и да се нафати да го прави тој циркуз.
Затоа што ако случаите навистина не беа политички монтирани, немаше вака да пропаднат. И во тие пет години од постоењето ќе се постигнеше многу поголем успех, а единствена в затвор на крај заврши – самата специјална обвинителка.
Пропадна „Таргет-Тврдина“, кој требаше да биде темелниот случај. Се однесуваше на незаконското следење на над 20 илјади граѓани и уништувањето на опремата за прислушување во УБК.
Пропадна „Титаник“. Со него за изборни измами се гонеа поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ како Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Мартин Протуѓер.
Пропадна „Траекторија“. Овој случај се водеше за изборот на компании за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Меѓу обвинетите беа Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски.
Пропадна и „ТНТ“. Со него требаше да се докаже дека рушењето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски било политички мотивирано. Обвинети беа Никола Груевски, Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.
Пропаднаа и „Тендерите“. Ова беше случај во кој првообвинета беше поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска за навоно местење на тендерот за изградба на Музејот на македонската борба во рамките на проектот „Скопје 2014“.
Пропадна и „Талир 1“. Како и „Талир 2“, и со 1 требаше да се докаже дека имало незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и изградбата на партиското седиште преку компанијата „Бетон“.
Пропадна и „Моќник“. Пропуштена прилика случајот да се вика „Тони“ зошто се однесуваше на продажба на недвижен имот во Општина Македонски Брод, каде што меѓу обвинетите беше и тогашниот пратеник Антонио Милошоски.

Македонски



