Skip to main content

Внимавајте ако тргнувате на пат: Викендов повторно се затвора дел од обиколницата кај Солун

facebook.com/ypomeofficial

Возачите кои викендов планираат патување кон Солун повторно треба да сметаат на изменет режим на сообраќај. Поради продолжување на градежните работи на надвозникот, делови од обиколницата ќе бидат привремено затворени во ноќните часови.

Според најавите, вечерва, во периодот меѓу петок и сабота, на 10 јули, од 23:00 до 05:00 часот, целосно ќе бидат затворени двата правци на делницата помеѓу клучките К5 (Папагеоргиу) и К6 (Метеора). Во овој временски интервал нема да биде дозволено движење на возила низ овој дел од обиколницата.

Ограничувањата продолжуваат и следната ноќ, меѓу сабота и недела, на 11 јули, повторно од 23:00 до 05:00 часот. Овојпат за сообраќај ќе биде затворена само западната насока, на делницата меѓу клучките К6 (Метеора) и К5 (Еукарпија).

За време на изведувањето на работите, сообраќајната полиција ќе ги пренасочува возилата по алтернативни маршрути низ градот. Поради тоа, се очекуваат можни застои и подолго време на патување, особено во периодите кога ќе важат ограничувањата.

Надлежните служби им препорачуваат на сите возачи однапред да го испланираат своето патување, а доколку имаат можност, да го избегнат овој дел од обиколницата во наведените часови. Исто така, се апелира внимателно да се следи привремената сообраќајна сигнализација и упатствата од полициските службеници, со цел патувањето да помине безбедно и со што е можно помалку доцнења.

Поврзани вести