Skip to main content

Наскоро нов колективен договор и повисоки плати за Армијата, најави министерот Мисајловски

Facebook/Hristijan Mickoski

Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека набрзо ќе биде потпишан нов колективен договор за Армијата, со кој се предвидува и зголемување на платите. Тој информираше дека вчера била одржана уште една средба со синдикатите, на која се разговарало за подобрување на околу 20 члена од колективниот договор.

Негде има едно мислење, негде различно мислење, но мислам дека заеднички ќе најдеме начин, бидејќи секој од синдикатите тука зборува како да биде подобро. Се разбира ние гледаме како да го овозможиме согласно финансиските импликации, но она што е добро за многу брзо ќе има преубави вести, а тоа ќе биде зголемување на платите и нов колективен договор  – изјави Мисјаловски, на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и претставници на синдикалните здруженија во одбраната во Владата, кои, како што рече, претставуваат 99,9 проценти од вработените во Министерството за одбрана и Армијата.

Колективниот договор, нагласи Мисјаловски, сега максимално се почитува и со тек на годините очекува намалување на тужбите и губење на средства. 

Во само овие две години како сум министер, преку 26 милиони евра се исплатени тужби од буџетот. И тоа следува, бидејќи вработените во Министерството и Армијата требало да ги добијат тие средства. Сега ги губиме на судовите поради причини од 2019 година. Но, како се исплаќаат средствата се намалуваат тужбите и сега правиме да нема можност. Секогаш ќе се појави некоја тужба, но ова се навистина големи чекори да се обезбедат сите средства – изјави Мисајловски. 

Мисјаловски, информираше дека денеска на состанок со министерката за финансии договорил финансии за повисоки плати. 

Многу наскоро ќе ги слушнете убавите вести. Ќе треба да го преработиме буџетот, бидејќи ќе добиеме дополнителни средства. Моја цел е Министерството за одбрана и Армијата да биде најдобра институција и ќе видите дека тоа ќе биде – изјави Мисјаловски.   

Буџетот за следната година, како што најави Мисајловски, ќе расте и рече дека ќе бидат најавени и уште дополнителни проекти, како капитални инвестиции и повисоки плати.

Ќе започнеме со градби на Домот на АРМ, во секоја касарна ќе има нови објекти што ќе ги модернизираме. Се заложивме заедно со началникот, односно договоривме за програмата НАТО модернизација да има дополнителни средства, сосема нова борбена униформа и се она што следува да го обновиме следната година – изјави Мисајловски. 

Предвидовме, нагласи Мисајловски, и дополнителни средства за купување на дронови и анти-дрон системи, и најави дека следниот месец се очекува да стигнат два нови хеликоптери.

Поврзани вести