
Делегација на Струшките вечери на поезијата предводена од директорот Никола Кукунеш и добитничката на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ на 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата, холандската поетеса Анеке Брасинга беше на прием кај градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура и претседателот на Советот, Мите Стефоски.
Во фокусот на средбата беа значењето на поезијата како универзален јазик што ги поврзува луѓето и културите, како и улогата на Струшките вечери на поезијата како мост кој ги обединува поетит од сите светски меридијани.
Поезијата, како што заклучија соговорниците е чувар на јазикот, идентитетот и универзалните човечки вредности.
Брасинга истакна дека ужива во Струга и на Струшките вечери на поезијата. Таа изрази воодушевеност од градот на поезијата и вети дека повторно ќе се врати за да види како расте дрвото што го засади во Паркот на поезијата, но и како гостин на Струшките вечери на поезијата.
Директорот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Кукунеш, одблиску го запозна градоначалникот Ќура со издавачката дејност на Фестивалот и со неговата улога во афирмацијата на македонската и светската поезија.
Ќура, пак, нагласи дека покрај Струшките вечери на поезијата, Струга им нуди на своите гости и исклучителни природни убавини, поради што градот претставува единствен спој на културата и природата.

Македонски



